Дерала: Уметниците имаат општествена одговорност да зборуваат за слободата!

„Уметниците имаат општествена одговорност да зборуваат и да творат за слободата и преку влијанието на уметноста да ја разбудат граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување на одлуки на локално и национално ниво“, истакна Џабир Дерала од ЦИВИЛ - Центар за слобода, на денешната прес-конференција, на која го најави финалниот, спектакуларен мултимедијален настан на Караванот на слободата што ќе се оддржи во сабота на 1-ви октомври, на скверот Јадран (кај „Арапска куќа“) во Скопје.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=qC3Ws_4Ja2g[/youtube]

На концертот во сабота, во 20:00 часот ќе настапат Тони Зен, Шутка Рома Рап, Бени и Нон Стоп, Мугер Фугер, Кристина Арнаудова и Лилит и Амон Мра,

Поетски перформанс ќе имаат Дарко Лешоски, Рина Јанкуловска, Елена Пренџова и Диана Тахири, а уметничката работилница, која ќе започне од 19:00 часот, ќе ја предводи академскиот сликар Мирослав Стојановиќ - Шуки, со учество на Касиопеја Наумовска и на други уметници.

„Ова ќе биде повеќе од концерт, бидејќи ќе заокружи едно наше патешествие низ повеќе од 40 општини. Досега одржавме шест големи концерти и над дваесет помали мултимудијални настани, на кои имаше многу музика и многу уметност и креативност, а кои ја пренесоа пораката на слободата“, изјави Дерала.

ЦИВИЛ досега одржа шест дебати во Велес, Кавадарци, Струмица, Куманово, Тетово и Штип, на кои учествуваа уметници, новинари, активисти, интелектуалци..., а серијата дебати ќе продолжи од наредната недела.

Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ – Центар за слобода и поддржан од УСАИД, кој ќе ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свест и граѓанскиот активизам. Тоа е динамичен мултимедијален проект, кој го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво. Проектот е  поддржан од УСАИД.

Текст и камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email