ЕУ: Македонските лидери да не се преправаат дека сè е во ред

„Не постојат ниту минимални услови за веродостојни избори на 5-ти јуни, и за Влада која ќе произлезе од тие избори, а кои би биле признати од меѓународната заедница“, изјави портпаролот на Европската комисија,  Маја Коцијанчиќ за "Дојче Веле".

Според Коцијанчиќ, во сегашните услови, ниту една Влада што ќе произлезе од избори, на кои трите најголеми партии (СДСМ, ДУИ и ДПА ) нема да учествуваат, нема да биде кредибилен партнер на меѓународната заедница.

eu

Таа потсетува на потребата за прочистување на Избирачкиот список, обезбедување на балансирано медиумско известување и истраги за заканите врз гласачите. Портпаролот на ЕУ, ги повикува сите политички лидери и властите во земјата да преземат конкретни чекори за да се справат со ситуацијата и да го почитуваат Договорот од Пржино.

"Ние имаме итна потреба, лидерите да се справат со решавање на проблемите со владеењето на правото, без понатамошно одложување. Ова особено се однесува на повлекувањето на аболицијата на Претседателот. Правдата мора да надвладее и мора да биде транспарентна. Тоа е единствениот начин да се врати довербата на граѓаните во институциите на државата, да се стави крај на актуелните тензии и да се зачува владеењето на правото во земјата ", изјави Коцијанчиќ.

Портпаролката на Европската комисија предупреди дека последните потези ќе резултираат со "сериозни последици".

"Политичките лидери не можат да се преправаат дека се е во ред. Последните потези и идните неуспеси ќе имаат сериозни последици", изјави Коцијанчиќ.

Print Friendly, PDF & Email