Сериозни сомнежи за регуларноста на избирачкиот список

Доколку должите макар и еден денар, поштенското сандачето ќе ви се преполни со писма, предупредувања, па дури и извршители, но кога станува збор за известување за промена на гласачко место, тогаш трудот на надлежните институции не е така голем.

Па така, според она што „Цивил“ го забележа на теренот, известувањата за тоа каде граѓаните треба да гласаат беа залепени на влезовите од зградите, на обичен лист хартија, залепени со селотејп.

„Списокот со промената на избирачките места  стоеше залепен на влезот од зградата само неколку часа, потоа некој ја одлепи. Најголемиот дел од жителите во зградата потоа не знаеја каде да гласаат, бидејќи местото на гласање беше променето. Можеа да најдат поадекватен начин да нѐ известат каде треба да гласаме. И покрај електронскиот избирачки список, не треба да се занемерат оние кои немаат пристап до интернет, како и постарите лица кои не се запознаени како треба да го користат електронскиот избирачки список“, ни изјави гласач од населбата Козле.

Набљудувач од „Цивил“ евидентира пример кога гласач дошол на избирачко место, а адресата впишана во неговата лична карта била иста со член на избирачкиот одбор, иако двајцата ниту живееле на истата адреса, ниту пак се познавале. Членот на избирачкиот одбор реагирал, но случајот не добил завршница.

Според набљудувачите на „Цивил“, голем број гласачи ги нема на избирачките места каде што гласале на претходните избори.

Па така, во Чашка, Велес, евидентирани биле повеќе лица кои ги немало на избирачкиот список годинава, а ги имало на минатогодишните локални избори.

Повеќе гласачи од Прилеп пак, можеле да се најдат на електронскиот список, а на гласачкото место ги немало на списокот. Сличен случај бил евидентиран и во Кичево, а во Кавадарци имало поголем број случаи на гласачи кои ги немало во избирачкиот список.

Во општината Богданци набљудувачите на Цивил констатирале три случаи кога на гласачи им било ускратено правото на глас, бидејќи некој друг се потпишал на нивното место. За слични случаи реагираа и голем број граѓани на социјалните мрежи кои отишле на гласање, а виделе дека некој веќе е потпишан наместо нив.

Во Струга забележани се многу пропусти во однос на информирањето на граѓаните за нивните гласачки места. Изборната единица која што се наоѓала кај болницата била затворена и на неа немало никакво известување за тоа каде да се упатат гласачите, при што настанала збунетост и целосен хаос. На ова место, излезноста на граѓаните била многу мала.

Сите овие примери собрани од теренот и од набљудувачите, според „Цивил“ фрлаат сериозен сомнеж за регуларноста на изборите и на избирачкиот список.

Мери Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian