Цивил го набљудува изборниот молк

Над 70 набљудувачи на Цивил акредитирани во Државната изборна комисија (ДИК) денеска активно го набљудуваат изборниот молк. Уште во текот на минатата ноќ, како и во текот на денот до Цивил пристигнуваат извештаи од набљудувачите и граѓан(к)ите кои ја користеа новата веб-страница за Слободни избори.

Во извештаите кои пристигнаа во Цивил до 16 часот се јавува за неправилности во текот на гласањето на болните и изнемоштените во Кичево, Штип и Крива Паланка. Во повеќе општини во Скопје, како и во Велес, Гевгелија, Теарце, Кичево, Струга и Брвеница се бележат партиски активности на теренот, вклучувајќи делење пропаганден материјал.

До Цивил пристигна и информација дека на едно лице на издржување казна во прилепскиот затвор му е ускратено гласачкото право.

Во тек е обработката и анализата на големиот број информации и извештаи кои сé уште пристигнуваат од нашите набљудувачи и граѓан(к)ите. Прес центарот на Цивил ќе започне со работа во 7 часот утре изутрина. Со многу повеќе информации за текот на изборниот процес, изборниот молк и денот на гласање, Цивил ќе излезе утре, недела, на прес конференциите со почеток во 12 часот и на секои два часа до полноќ.

Цивил ги покани невладините организации и граѓан(к)ите да дојдат во прес центарот со свои информации и согледувања за текот на гласањето, односно за текот на изборниот процес. Во прес центарот ќе бидат достапни печатени и електронски материјали за новинарите и други заинтересирани, а набљудувачите и раководителите на проектот Слободни избори 2014 и другите организации ќе бидат на располагање за изјави, информации и анализи.

Воедно, уште еднаш упатуваме апел за слободни и фер избори и за активен придонес на сите учесници во овој изборен процес.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian