ИЗЛОЖБА НА ТВОРБИ НА ДЕЦА И МЛАДИ ВО СТРУГА

Ликовни творби на деца и млади на тема „Сите бои на мојата земја“ ќе бидат изложени на 21 ноември во Струга, во Основното училиште „Браќа Миладиновци“

DSC_0134Творбите се создадени од ученици од повеќе градови во текот на Креативната школа за ликовно творештво, одржана летово во Охрид, во рамки на проектот на Цивил – Центар за слобода „Сите бои на мојата земја“, посветен на едукацијата за човековите права и слободи и толеранцијата преку заедничко креативно творење.

Делата кои ќе бидат изложени се дел од творбите создадени во текот на Школите за креативно творештво, кои летово се одржаа во Охрид, а на кои учествуваа над 40 деца од цела Македонија, предводени од професионални, искусни и обучени творци-предавачи.

Ќе биде проектиран и документарен филм за Струга, изработен од млади творци - посетители на Креативната школа за видео-творештво. Освен овие две, во Охрид се одржа и школа за креативно пишување.

Школите за креативно творештво претставуваат дел од активностите на Цивил во рамки на проектот „Сите бои на мојата земја“, кој започна во мај и ќе трае до крајот на годинава. Проектот е финансиран од швајцарската Агенција за соработка и развој (SDC) преку Програмата CIVICA Mobilitas, а е имплементиран од Центарот за институционален развој (ЦИРа).

Во наредните недели вакви изложби ќе се одржат и во Куманово, Кичево и Скопје. Изложбата во Струга ќе биде отворена во 12 часот.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish