Груевски доби мандат за состав на нова влада

Согласно членот 90 од Уставот на Република Македонија, „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно, партиите што имаат мнозинство во Собранието“, денеска, Ѓорге Иванов, му го додели мандатот за состав на нова влада на Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партија која на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември освои најголем број на пратенички мандати.

Ниту претседателот Иванов, ниту мандатарот Груевски, по доделувањето на мандатот не дадоа изјави за јавноста.

Според член 90, од Уставот, „мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата“.

Новата Влада, треба да ја изгласа Собранието, со мнозинство од пратениците.

Доколку мандатарот, во случајот - Никола Груевски, не успее во законскиот рок да обезбеди мнозинство, мандатот се дава на втората партија по бројот на освоени гласови, односно, на СДСМ.

Ако и СДСМ, не успее да формира влада, Уставот предвидува распишување нови избори, најрано шест месеци од последните, односно, во овој случај, напролет, најверојатно заедно со локалните избори.

Според освоениот број на пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ има можност да обезбеди парламентарно мнозинство, доколку повторно коалицира со ДУИ (10 пратеници), или ако се договори со останатите албански партии кои освоија мандати, Беса (5), Алијанса на Албанците (3) и ДПА (2).

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian