Граѓанското учество во обликувањето на општествата е суштинска потреба на новото време

 

Долго најавуваната конференција „ГРАЃАНСКА ПОВЕЛБА – Глобална рамка за учество на граѓаните“ ќе се одржи денеска, 28 март, 2018, во хотел Сити Парк, со почеток во 13 часот. Овој настан претставува единствена можност за јавноста да дознае повеќе за ГРАЃАНСКАТА ПОВЕЛБА и за можностите за меѓусекторска соработка и партнерства.

Воедно, ова е уште една можност за новите поддржувачи и членови на организацијата да се сретнат и да разменат информации, идеи и планови за идните чекори на организацијата. Заинтересираните граѓанки и граѓани ќе имаат можност да ја потпишат поддршката на Граѓанската повелба за време на конференцијата. 

Почитувањето на човековите права и слободи и граѓанското учество во обликувањето на општествата е суштинска потреба на новото време. Овој нов, глобален документ, го засилува гласот на граѓанките и граѓаните за повеќе права и слободи, за повеќе простор за активно граѓанско учество во процесите на донесување на одлуки на локално, државно и глобално ниво.

На денешната конференција, ЦИВИЛ и Меѓународниот центар за граѓанско општество (ICSC), ќе ги презентираат своите гледишта и можностите за соработка меѓу граѓанското општество, локалната и централната власт, медиумите, бизнис заедницата, политичките партии и други засегнати страни и структури кои донесуваат одлуки во земјата.

Како говорници на конференцијата поканети се претставници на Владата, локалната власт и Парламентот, како и на граѓанското општество и бизнис заедницата.

Советникот за односи со јавност на премиерот на Република Македонија, Марјан Забрчанец, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, претставничката на Меѓународниот центар за граѓанско општество (Берлин, Германија), Бранди Геркинг, Ирена Лазарова од Централен регистоар, претставниците на ЦИВИЛ, Маја Ивановска, Синиша Станковиќ и Џабир Дерала, активистката за човекови права Јасмина Голубовска и Ванчо Орданоски од бизнис заедницата, се дел од говорниците на конференцијата.

 


„ГРАЃАНСКА ПОВЕЛБА – Што има тука за мене?“ е пилот проект преку кој ЦИВИЛ продолжува да ја промовира Граѓанската повелба на еден иновативен начин. Ова вклучува истражување на можностите за воспоставување меѓусекторска соработка и партнерства за усвојување и доследно спроведување на Граѓанската повелба.

Една од целите на проектот е да се сензитивираат засегнатите страна на граѓанското општество, локалните и централните власти, медиумите, бизнис заедницата и политичките партии за Граѓанската повелба и да се дискутира за модули за усвојување и користење на овој документ, како и за можностите за заедничка соработка и партнерства.

Проектот е поддржан од Меѓународниот центар за граѓанско општество.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English