Граѓански перформанс: „Колку чевли останаа неизносени?“

Граѓанската акција “Заслужуваме подобро!” со здружената иницијатива “Колку чевли останаа неизносени?”, во сабота на 13 февруари во 12,00 часот, пред Владата ќе организира креативен граѓански перформанс.

Протестниот собир се организира како израз на револт против политиката на актуелната власт, која, според некои проценки, резултираше со иселување од Македонија на дури 600.000 лица, главно млади и образувани граѓанки и граѓани.

Иницијаторите за настанот велат дека перформансот ќе претставува граѓанска дебата за слободно општество и социјална правда, чија цел е „да се зајакне комуникацијата и размената на идеи и ставови меѓу факторите во граѓанското општество, да се усогласат минимум заеднички вредности и позиции во однос на општествено-политичката криза во државата и да се испратат пораки за кои ќе се побара мислење и поддршка од широкото граѓанско општество и од политичките фактори во државата“.

Чевлите кои симболично, „иселените не ги однеле со себе, напуштајќи ја Македонија“, кои граѓаните, нивни роднини и пријатели, ќе ги донираат, а кои се во употреблива состојба, ќе бидат подарени во хуманитарни цели на невладината организација “Легис“, која ќе дистрибуира како помош за бегалците.

Останатите обувки ќе бидат искористени како дел од уметничко дело на група автори, посветено на иселувањето на макеоднските граѓан(к)и.

Print Friendly, PDF & Email