Министерството за здравство без аргументи го намали буџетот за ХИВ!

Граѓанските организации кои се дел од Платформата за ХИВ, реагираа веднаш по објавувањето на информацијата дека со одлука на Владата, е скратен делот од Буџетот на Република Македонија, од кој се финансираат услугите кои ги обезбедуваат овие граѓански организации за превенција, заштита и лекување на лицата со ХИВ, посочувајќи го негативниот ефект што оваа одлука ќе го има како врз лицата кои веќе се под терапија, така и врз ширење на вирусот и зголемување на бројот на заболени лица.

Невладините организации одржаа и протест пред Министерството за здравство и пред Собранието, на кој го изразија својот револт и ја посочија одговорноста на властите за можното зголемување на бројот на заболени лица и на смртни случаи, како резултат на кратењето на Буџетот.

14517519_987414314715411_8418691792065784000_n

На протестот му претходеше реакција до Министерството за здравство, каде што граѓанските организации кои секојдневно работат со лица со ХИВ, ги претставија аргументите, зошто се против драстичното намалување на средствата наменети за овие лица.

Контрааргументи од Министерството за здравство, како што информираат од Платформата која ја сочинуваат 15 граѓански организации, не добиле, а крајниот став е дека буџетот нема да се коригира.

„Министерството досега не презентираше валидни аргументи за ова драстично намалување. Единствено што беше искористено како изговор, беше дека во моментот се набавува терапија со средства од тековната година, а бидејќи има доволно залихи, овие лекови се очекува да ги покријат во најголем дел потребите од терапија и за следната година. Од Министерството за здравство, сметаат дека буџетираните 27 милиони денари ќе биле доволни и ќе се наменат за покривање на услугите за превенција“, вели Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни.

Што се однесува до статистичките податоци, до октомври 2016 та година, веќе има 30 случаи на новозаболени од ХИВ. За споредба, бројот на новооткриени случаи во текот на 2015-та, беше 33, додека во 2014-та беше највисок досега и изнесуваше 45.

14591827_987414338048742_4015308737505400842_n

 

Анализата што во 2015-та ја направи Светската банка со ангажиран меѓународен експертски тим и со домашни експерти, а во соработка со Министерството за здравство, покажа дека со досегашното ниво на инвестирање во националниот одговор на ХИВ, вклучувајќи ги и средствата од донации, може да успешно да ја одржи епидемијата под контрола. Спротивно на тоа, доколку инвестирањето се намали, тоа ќе се одрази со значителен, дополнителен број на нови инфекции и со нови смртни случаи до 2030 година. Доколку инвестирањето во националниот одговор на ХИВ се одржи на нивото од последните неколку години и се оптимизира, на тој начин што ќе се даде уште поголем приоритет на антиретровирусната терапија и на програмите за превенција на ХИВ во популацијата на мажи што имаат секс со мажи, до 2030 година ќе се спречат дополнителни 860 нови инфекции и дополнителни 230 смртни случаи.

Оваа опсежна анализа изготвена во соработка со Министерството за здравство, ги содржи аргументите со кои граѓанскиот сектор се обидуваше да се обрати до истото Министерство, со надеж дека ќе наидат на позитивен одговор и дека Буџетот нема да се намали. Откако тоа не се случи, невладиниот сектор има за цел постојано да ја информира јавноста за овој проблем. Оттаму бараат сите политички партии во предизборната трка да се обврзат дека ова прашање ќе го вклучат во своите програми и дека проблемот со финансирањето на програмите за превенција ќе го решат како итен приоритет, веднаш по формирањето на нова влада.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email