Граѓан(к)ите обесхрабрени да пријават корупција!

Претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева, денеска го презентираше годинешниот „Барометар на глобалната корупција“, според кој, повеќе од една третина од испитаните граѓани во Македонија, сметаат дека корупцијата е еден од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата.  

„Намален е бројот на граѓани кои се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата, а зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека не може ништо да се направи од нивна страна во борбата против корупцијата! Зголемен е бројот на тие што сметаат дека е многу силно влијанието на политиката и дека во начинот на кој се водат политиките, влијание имаат моќните, влијателните и богатите луѓе, а во тоа е вклучена и политичката корупција“, изјави претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева, додавајќи дека е неопходно да се зајакне транспаретноста и заштитата на луѓето што се подготвени да пријават корупција.

Според извештајот, за разлика од пред две години, кога 88 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата, во годинешниот извештај, ваква подготвеност искажале 65 отсто од испитаниците, речиси 40 отсто анкетирани се изјасниле дека не може ништо да се направи против корупцијата, а 25 отсто не би пријавиле корупција поради страв од последиците.

Тасева вели дека и „бомбите“ кои ги објави опозицијата влијаеле врз подготвеноста на граѓаните да пријават корупција, но дека намалувањето на процентот на испитаниците подготвени да реагираат, се должи пред сé, на непостапувањето на институциите во борбата против корупцијата. Зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека е неопходно да се јакне заштитата на лицата кои се подготвени да пријават корупција.

Меѓу најкорумпираните во Република Македонија граѓаните ги сместуваат пратениците, Повеќе од една третина од испитаниците се изјасниле дека и Владата и кабинетот на Претседателот на Македонија се вклучени во корупција. За да се прекине врската меѓу парите, моќта и корупцијата, според анкетираните, властите мораат да обезбедат поголема транспарентност.

М.И.

Print Friendly, PDF & Email