ДС: ВМРО-ДПМНЕ уценува, се заканува, но и корумпира со понуди за вработувања!

Демократскиот сојуз обвинува дека се случуваат координирани и организирани притисоци врз нивни членови од функционери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои, покрај заканите и уцените, нудат и предизборни ветувања за вработувања на „лојални“ кадри коишто би извршиле трансфер во нејзините редови. 

„Методите на притисоци главно се сведуваат на коруптивни понуди за вработување или за напредување во кариерата, или пак, преку класични уцени и закани, при што, од членовите на Демократскиот сојуз се бара јавно да се дистанцираат од политиките на партијата и декларативно да преминат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз, партија која беше дел од владеачката коалиција, а на претстојните вонредни, парламентарни избори, закажани за 11-ти декември 2016 година, ќе настапува како опозиција.

Партијата обелодени во јавноста дел од притисоците врз нивните членови, а лидерот Павле Трајанов, неофицијално, ни најави и објавување на сите притисоци, со конкретни имиња и презимиња, во блиска иднина.

dscn7689

„Под притисок на функционери на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Советникот на ДС во Советот на Општина Прилеп, со ветување дека неговата ќерка ќе биде вработена од ВМРО-ДПМНЕ, на 04 ноември 2016 одржа прес–конференција на која соопшти дека ќе премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот во Собранието на Република Македонија, од Кичево и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, на претседателот на ДС - Кичево,  му нуделе вработување и унапредување на наши членови, под услов јавно и декларативно да се дистанцираат од политиките на ДС и истите да преминат во ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот и секретарот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, на претседателот на ДС-Струга, му нуделе вработување, доколку јавно ги осуди политиките на ДС и премине во ВМРО-ДПМНЕ.

На 03 ноември 2016, на кандидатот за пратеник на ДС од Радовиш, градоначалникот на Општина Конче од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, му понудил вработување на неопределено работно време, под услов да се пасивизира и да ја повлече кандидатурата за пратеник на ДС.

Во периодот од неколку месеци наназад, на претседателот на ОО на ДС - Аеродром и советник во Советот на Општина Аеродром од редовите на ДС, во неколку наврати му биле нудени одредени бенефиции од координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателката на ОО на ДС Кисела Вода, од претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода, била убедувана да премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ОО на ДС на Штип, како и неговото семејство, се под постојан притисок од локалната администрација и од членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, а неговата приватна фирма е под постојани инспекциски контроли. Тој беше вработен во ЈП 'Ирис', но договорот за работа не му го продолжија, бидејќи не прифатил да одржи прес-конференција и да премине во редовите на ВМРО–ДПМНЕ.

Во јануари оваа година, на претседателот на ОО на ДС од Неготино, градоначалникот на Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од неговиот мобилен телефон му покажал СМС-порака испратена лично од актуелниот премиер, во која било наведено упатство како да се заслабнат редовите на ДС. Притоа, му било сугерирано да премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а неколку месеци подоцна (поради учество на протестите) бил деградиран за два степена од работното место во Општина Неготино“, пишува, меѓу другото, во соопштението до јавноста на Демократскиот сојуз

Од партијата велат дека сите притисоци врз нивните членови се нотирани и за тоа ќе ги известат Министерството за внатрешни работи, Државната изборна комисија, ОБСЕ, ОДИХР и дипломатските претставништва.

Ако вакви притисоци и непристојни предлози им се случуваат на членовите на довчерашниот коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, што да очекуваат до изборите од власта, политичките противници до опозицијата, граѓанските активисти, малубројните независни интелектуалци, преостанатите професионални новинари, маргинализираните ранливи категории граѓани...?

Д.М.

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email