Дерала: Пред фактите на ЦИВИЛ молчи македонскиот политички Олимп

Објавуваме дел од излагањата и изјавите за медиумите на Џабир Дерала од Средбата со граѓанките и граѓаните на тема СИТЕ ЗА СЛОБОДНИ ИЗБОРИ во Охрид.

Тоа ние што ќе го соопштиме е железно точно, поткрепено со факти, со снимки, со документи, со изјави и со сведоштва. Сé што сме објавиле досега е поткрепено со еден штос материјали кои се непобитни докази. Велат дека пред фактите и боговите молчат. Ако се наоѓате во соба полна со боговите на Олимп и ако влеземе ние од ЦИВИЛ – Центар за слобода, верувајте сите ќе молчат сé додека не излеземе. Ви благодарам многу на дискусијата, бидејќи верувајте, многу се радувам што конечно ЦИВИЛ е пример и во дискусија со граѓанки и граѓани кои имаат што да кажат. Без разлика дали имате една или друга политичка афилијација. Овде слушам и гледам граѓани и граѓанки кои имаат што да кажат. Имаат глас и го кажуваат тоа и имааат уши да слушнат поинакво мислење.

Изјава за медиуми

Денешниот настан е средба со граѓанките и граѓаните на општина Охрид, меѓутоа, исто така и со претставниците на политичките партии. Ги поканивме сите политички партии. На мое многу пријатно изненадување тие сите дојдоа. Можам да кажам дека наидовме на одлична соработка со Општина Охрид. Денеска настанот ќе го отвори висок претставник на општината. Ова е прилика во рамки на нашиот проект „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ да проговориме повеќе за тоа какви услови ни требаат за дојдеме до ситуација за да можеме да кажеме дека имаме слободни избори. Тука, на оваа место, заедно со охриѓани и охриѓанки ќе размениме мислења и искуства за тоа како можеме како граѓанки и граѓани, како организации, како локални политичари да придонесеме кон подобрување на демократските процеси во Република Македонија воопшто, меѓутоа уште повеќе во контекст на изборниот процес, кој ни претстои на сите нас. Ова е еден проектен сегмент со кој во потполност ги отвораме нашите проектни активности пред сите и сакаме сите  да ги вклучиме во тоа. Во рамките на овој проект, се надеваме дека ќе постигнеме голема бројка на граѓани и граѓанки да бидат мотивирани да се вклучат во граѓанското набљудување на изборниот процес, меѓутоа и на човековите права и слободи воопшто. Како што знаете, гласачкиот процес е едно од фундаменталните права и во таа смисла, ако ние како граѓани не се ангажираме, не можеме да очекуваме да имаме вистински квалитетни процеси, ниту пак квалитетна заштита на нашите права.

Завршно излагање на средбата

Најважно за ЦИВИЛ е да се знае дека ние спроведуваме набљудување на многу подолгорочна основа, отколку што тоа е случај со други невладини организации и институции од размер на ОБСЕ/ОДИХР. Можеме да ви кажеме дека според зборовите на сериозни светски експерти, ние во изминатите години, според нив сме креирале, создале нова методологија каква што досега не е видена. Точна, ефикасна, навремена, а со многу малку ресурси. Тоа се атрибути кои не ги преземам јас, туку сум ги слушнал на наша адреса. Прво и основно, многу е важно да разберете дека ние секоја информација ја третираме многу опстојно и ја проверуваме најмалку на две нивоа. Информациите од теренот се основа на нашето набљудување. Меѓутоа, имајте предвид дека ги следиме многу внимателно и гласините и дезинформациите. Сé што е гласина и дезинформација не ја отпишуваме веднаш, туку трагаме по изворот на за да дојдеме до генераторот на таа машина, за потоа да анализираме и да откриеме зошто таа гласина е креирана и зошто таа гласина е пласирана во јавноста, во тој даден момент.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English