Зелиќ: Каде што има страв, не постои демократија!

Драган Зелиќ, експерт од организацијата ГОНГ од Хрватска, на панел-дискусијата организирана во прес-центарот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, веднаш по затворањето на гласачките места, на 11-декември, зборуваше за неговите впечатоци и сознанија од кампањата и изборниот ден во Македонија, за „фантомите“ и за исчезнатите граѓани од Избирачкиот список, за атмосферата на страв и за „ловот во матно“, како и за политичката злоупотреба на деца и за заштитата на основните демократски вредности.

Оценка за изборниот ден...

„Прво, треба да им се честита на сите граѓани на Македонија на овие важни избори, по сите политички кризи во изминатите години, по сите политички тормозења, сепак, се дојде до некои минимални стандарди за одржување на избори и честитки за големата излезност. Јас би ви честитал вам, на ЦИВИЛ, и на другите набљудувачи кои ги набљудуваа изборите, бидејќи тоа не е лесна работа, особено во вакви услови. Честитки до вашите набљудувачи кои обработија важна и одговорна задача - да известуваат за изборните неправилности кои се случуваа.

Поголемиот дел од граѓаните можеа да го исполнат своето право на глас во вакви или онакви услови. Меѓутоа, сериозна сенка врз изборниот процес фрлаат случаите во кои одредени граѓани на Македонија, стотици, можеби и илјадници граѓани, не можеа да го остварат правото на глас. Значи, јас можам да гласам, а вие не можете да гласате, односно, не сме во рамноправни позиции. Не треба да се заборави дека Македонија е кандидатка за влез во Европската унија, а во една земја-кандидат, вакви работи не треба да се случуваат. Тоа мора јасно и гласно да се каже. Тие работи не се случуваат по инерција, има институции кои тоа треба да го работат и да му овозможат на секој граѓанин да може да гласа, за жал, кај вас не се случи тоа.

Јас, за жал, не може да кажам дека се работи за технички грешки. Неверојатно е дека требаше да се избришат ‘фантомите’, а очигледно е дека не се избришани. Но, избришани се здрави и живи граѓани, на кои не им беше страв, кои сакаа да гласаат и да го остварат своето граѓанско право, а не можеа да го остварат. Некој ќе рече дека е нормално да се направат грешки, но кога ќе се случи грешка, треба на луѓето да им се каже и да се пронајде начин да им се овозможи да гласаат.

Видовме дека денеска се издаваа лични карти, и добро е што на граѓаните кои го имаат тоа право, им се издаваат лични карти, меѓутоа, неверојатно е, луѓето што не се ‘фантоми’ да не можат да гласаат. Во Хрватска, ако не сте на Избирачкиот список, на изборниот ден се оди во Канцеларијата за општа управа и добивате потврда. И, со таа потврда се враќате да гласате. Неверојатно е зошто денеска во Македонија тоа не се направи. Јас не можам да се отргнам од впечатокот дека се работи за политички мотивирани акции. Немаше доволно политичка волја да се среди Избирачкиот список, тоа не е некоја научна фантастика, тоа може да се направи и не знам која е причината што многу граѓани денеска, останаа без своето право на глас...

zli1

Првата работа со која треба да се зафати новата власт...

Македонија ја чека голема работа околу средувањето на изборното законодавство и пописот на граѓаните, како што и Хрватска има работа околу изборното законодавство. И ние имавме проблеми со Избирачкиот список, но сега е многу подобра ситуацијата, и во тој поглед може да се пренесе некое знаење и искуство. Новата Влада ќе мора да даде приоритет на тоа, ако сака да постои правна држава како што кажавме на почетокот.

Постои една изрека ‘Најлесно е да се лови во матно’. Македонија не мора да го среди Избирачкиот список, но тогаш, некој ќе лови во матно. Ако во одделни изборните единици вчерва биде тесен резултатот, каде може да одлучуваат и неколку стотина гласови, а веројатно ќе биде така, некој ќе може да го постави прашањето: дали тие што денес не можеа да гласаат, ќе можеа да го одлучат победникот во тие изборни единици? Она што непријатно ме изненадува е молчењето на институциите, Џабир веќе го спомна тоа, пред сé, Државната изборна комисија се однесува како тоа да не е нивна игра, и како таа за тоа да не одлучува. Не сфаќаат колку е важно да се огласат и барем нешто да кажат, за јавноста да не ја загуби довербата во изборниот процес? Довербата во изборниот процес е најбитната работа, бидејќи ако граѓаните немаат доверба во изборниот резултат, тогаш се урива целата политичка архитектура и ќе се сомневаат во сé.

Во изминатите години, во Македонија сте имале, најблаго речено, ‘силна’ власт, која била прилично ‘присутна’ во многу институции кои требаше да бидат независни. Последица на сето тоа е стравот што се јави кај дел од граѓаните. Јас сметам дека тоа ги обележа овие избори. Потполно ги разбирам граѓаните што се плашат кога некој ќе им се јави да ги праша дали гласале. Граѓанинот можеби не сака да излезе од дома и не сака да гласа за никого, но се плаши дека утре ќе ја загуби работата, дека сопругата ќе ја загуби работата, или некој од роднините, тоа, во најмала рака, не се пријатни ситуации.

Додека бев тука, јас го почувствував во атмосферата тој страв, а каде што има страв не постои демократија! Македонија не е единствен случај, и во Хрватска на локалните избори има луѓе што се плашат од локалните шерифи. Против тоа мора сите да се борите, посебно за тоа дава огромен придонес ЦИВИЛ. И Мост и другите невладини организации, а гледам и медиумите малку се ослободија и мислам дека конечно, медиумите ќе сфатат која е нивната улога, колку е цврста нивната позиција, и дека ќе се одбранат од политичките притисоци и ќе воспостават некои демократски стандарди во оваа земја.

 

Одговорноста на институциите...

Државната изборна комисија е задолжена за Избирачкиот список, во соработка со Министерството за внатрешни работи, и во ваква ситуација кога ДИК не понуди никакво објаснување, не понуди решенија, се сокрија како глувци во дупка, во најмала рака би било политички коректно, да ги понудат своите мандати на располагање, да не зборуваме за оставки. Тука се работи за сериозна работа, не се работи за скратување на некакво право, се работи за темелни уставни права, кои се темел на демократија, а тоа не е мала работа...

Колку што следев, децата не беа само денес злоупотребени во изборен контекст, туку и претходно биле злоупотребени. Тоа е за секоја осуда, тоа говори за политичарите колку се бедни... Било каде во светот, не само во Македонија, зборувам и за Хрватска, политичари да се спуштат толку ниско да користат деца во кампања! ?Тоа е за осуда и добро е што вие од ЦИВИЛ, тоа го осудивте и зборувавте за тоа. Во Хрватска се случуваат тие работи за жал и понатаму, но автоматски реагира Правобранителката за деца. Не знам дали во Македонија имате Правобранител за детски права, но постојат и други омбудсмани. Во ред е невладините да реагираат, медиумите да пренесат, но зошто имаме институции? Тие институции ги плаќаат македонските граѓани и тие институции треба да се јават и јавно да ги осудат таквите работи! И можеби на следните избори тоа нема да се случи.

 

Промоција, а не загрозување на демократските вредности

Доколку новата власт, бившата, сегашната или било која власт не работи на промени, не работи на развој на земјата, ќе остане притисокот од граѓаните, притисокот на невладините организации, ќе има и одделни медиуми кои ќе притискаат, а не е исклучена ни улицата... Ако на убав начин предупредуваме, нудиме решение, а вие не слушате, тогаш ќе се оди на улица, па ќе видиме како ќе биде, бидејќи и тоа е демократско средство. Се разбира, по мирен пат, но и тука има нијанси.

Јас ќе го наведам примерот на Хрватска, ние ги имавме ХДЗ со години на власт, па ги имавме СДП, навистина помалку години, но луѓето сфатија дека ни ХДЗ, ни СДП како големи партии не се тоа, ги разочараа тие големи партии, па се појавија нови играчи, како „Мост“ и „Жив ѕид“. И тоа е главната политичка порака до македонските политички партии, да се сфати сериозно демократијата, да се ослободат медиумите, да ги штитат тие вредности, да ја промовираат демократијата а не да ја загрозуваат! Тоа е основна работа на секоја власт. Во спротивно, ќе дојдат нови играчи и ќе преземат дел од гласовите, што е демократско право, и мислам декатоа и во Македонија може да се случи.

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish