Партиските вработувања не стивнуваат

Со одложување на изборите на 5 јуни и со одредувањето на нов датум во декември, начинот на водење перманентни изборни кампањи, според сите видувања на набљудувачите на ЦИВИЛ, не стивна во ниту еден момент.

Според нашиот известувач, на огласот за вработување на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се пријавиле двајца кандидати од две различни општини во Западна Македонија. Едниот кандидат бил охрабрен од истакнат член на владејачката партија да конкурира на огласот, со ветување дека е тоа завршена работа.

На интервјуто, охрабрениот кандидат, добил одговор дека нема доволно работно искуство, и покрај тоа што тој услов воопшто не бил поставен во огласот. Работното место го добива другиот кандидат од друга општина, кој воопшто не се појавил на работното место.

Нашиот известувач, од членот на владејачката партија, бил известен дека можеби е подобро што не добил позитивен одговор, затоа што парите што треба да ги даде за средената работа, ќе може да ги инвестира во нешто поисплатливо.

ЦИВИЛ – Центар за слободата во публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“ наведе повеќе извори на партиски вработувања посебно, според нашите информации, во јавната администрација на локално и централно ниво. За жал, се очекува интензивирање на партиските вработувања како „награда“ за партиските активности или како обид за мобилизирање на нови членови со приближувањето на изборниот процес.

Биљана Јордановска


Forward

Овoј текст е дел од проектот „Напред!“ чија основна цел е да овозможи долгорочен мониторинг, анализи и препораки кои се однесуваат на општествено-политичките настани и процеси во изборен контекст. Проектот е финансиран со германски средства на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish