ДИК одлучува дали ќе ги прифати приговорите на СДСМ и на Беса!

Најдоцна до четврток на полноќ, т.е. во рок од 48 часа по приемот, Државната изборна комисија треба да излезе со официјален став во однос на 16-те приговори, коишто ги доставија СДСМ и Беса, по осум од двете страни. Очите на јавноста се свртени кон ова тело, особено откако ДИК не ги соопшти резултатите ни во законскиот рок од 24 часа по завршување на гласањето, што предизвика простор за сомнеж и кај партиципиентите на изборниот процес, но и кај граѓаните.

Доколку одлуките на ДИК, за секој приговор подинечно се и натаму спорни за поднесувачите, тогаш тие имаат право на тужба до Управниот суд и тоа во законски рок од 24 часа по добивање на одлуките.

Според ВМРО-ДПМНЕ, нема основ за приговори, а изборните резултати се „кристално чисти“. За СДСМ пак, има недоследности во запишувањето и евидентирањето на гласовите во Шестата изборна единица. Проценките на СДСМ се дека по разгледување на приговорите, СДСМ и коалицијата ќе добијат уште едно пратеничко место во оваа единица. Приговорите на Беса се однесуваат на Втората изборна единица, и според нивните проценки, тие би добиле најмалку едно, а можеби и две пратенички места повеќе.

Според ЦИВИЛ-Центар за слобода, од досега обработените податоци, во 537 случаи се евидентирани разни изборни нерегуларности: закани, уцени, притисоци, злоупотреби, насилство, незаконско однесување на членови на избирачки одбори, опструкции на работата на набљудувачите, поткуп на гласачи, проблеми со Избирачкиот список, промени на избирачко место, семејно и групно гласање...

ЦИВИЛ досега идентификуваше 30 избирачки места, во кои треба да се изврши прегласување, а во 7 од нив, има сериозни индикации дека „гласале“ и починати лица и „фантоми“.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian