Да се сопре безмилосното арчење!

Ангели – серафими ќе ја урнеле до темел, море, ќе ја дотолчеле комунистичката архитектура! Или, барем, ќе и задале сериозен удар антикомунистички удар. Така велат творците на „уметничкото дело“ за кое власта во заминување, досега фрлила два милиона евра народни пари (а, според досегашните искуства од налудничавиот панаѓур „Скопје 2014“, ептен подготвена е, преку анекси, и дополнителни договори, да се расфрла со уште некој дополнителен милион!) и кое е само уште еден карикатурален дел од новото руво на македонската престолнина.

Градот што еден хрватски писател и новинар го нарече „триуф на лузерите“ кој би можел „да се опише како мешавина на Лас Вегас и Пјонгјанг, но и со прстофат на Халикарнас, Ашкабад и стиропорниот Рим од филмовите со Чарлтон Хестон“, нашето, некогаш убаво Скопје, неговите мразители поради нивниот страв од Градот, со наши пари го трансформираа во кошмарна каша-попара. Збуричкана од кичести кулиси за хорор филмови и од нивните сознанија за архитектурата, стекнувани низ високоумните размени на тези за разликите меѓу барокот и класицизмот, пред селските гранапчиња...

Градот „кој е поулав од најлудите замисли на туркменскиот диктатор Сапамурат Нијазов“, она некогаш наше Скопје, со вакви и слични „уметнички дела“ стана „славно“ низ светот, додека на неговите нормални жители им жарат образите при секоја посета на странец, на кој треба да му го објаснуваат халуциногениот проект „Шизниленд“.

И како да беа малку, Капијата на триумфот(?!) и грандоманскиот споменик на Александар Велики (кои бргу-бргу се попишманија и ги прекрстија), власта на Груевски и Ахмети, постави и „стилизирани“, демек, „барокни“ сендвичарници и трафики (едната од нив е свовидно надополнување на шокантниот миш-маш објект посветен на Мајка Тереза) и трансформерс-лавови, и Прометеј со гаќи, и „бордел“ кај „Путник“ и албино – Ченто, за сега, на оградата на мостот „Слобода“, и на релјефните елементи, да поставува „бронзени канделабри во форма на ангели со раширени крилја меѓу кои се поставени ламби“. Поставувањето на канделабрите, широкоградиот Град Скопје го платил неверојатни 260.000 евра, откако веќе веќе од (туѓ, всушност, наш) ракав, истресол 1,7 милиони евра за изработка на оградата, за реализација и монтажа... Грчовито држејќи се за фотелјите, македонските властодржци, според дел од медиумите, сместија среде Скопје дел од серијата „Игра на престолите“, како навистина да не знаат како да ги потрошат парите на граѓан(к)ите во се посиромашната Македонија,!?

Крајно време е да се прекине бескрупулозното расфрлање со буџетските средства! Особено за проекти со кои препотентната клика на власт ја навредува интелигенцијата, домашното воспитување и добриот вкус на граѓан(к)ите. Без оглед на исходот на денешните преговори во Брисел, новата влада, и до и по априлските избори, мора да им се посвети на вистинските потреби на граѓаните и граѓанките, на девастираното јавно здравство, на навредливите надоместоци за социјалците, на осакатеното школство и забаталената наука, на...

И секако, веднаш да осмисли план за барем делумно врќање на стотиците милиони евра, фрлени во бездна за задоволување на нечии страсти и за промовирање на безумниот план за билдање нова национална свест. Дали преку дислокација на кич-спомениците во некој забавен парк (како монументален спомен на едно време-невреме, во Криволак, на пример) во кој би се привлекувале странски туристи или преку продажба на стиропорот, бетонот и бронзата - на големо, сеедно. Уривањето засега не доаѓа предвид поради огромниот шут и загадувањето! Но дисклокацијата е ОК, само колку да се исплакне малку од малку срамот и да му се врати душата на обезличеното Скопје...

Дури и најмладите, средношколците – жртви на одмаздата на некогашните лоши ученици, а особено носителите на најновата „македонска пролет“ – студентите, кои денес преживуваат во мизеријата на студентските домови, се веќе свесни дека и нивните внуци ќе ги плаќаат долговите за аздисаните „проекти“ и за крајната неодговорност на арогантната власт на ВМРО-ДПМНЕ и послушничката ДУИ. Нам, на повозрасните и поискусните, одамна ни е се јасно.

И за ангелите-ламби, и за арамискиот проект за разнебитување на Македонија како демократска држава...

 

Синиша Станковиќ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English