ЦИВИЛ СО НОВИ ИНФОРМАЦИИ ЗА НЕРЕГУЛАРНОСТИ ДО 17 ЧАСОТ

Цивил ќе излезе со уште информации на прес конференција во 20:30 часот кај споменикот на Мајка Тереза

Civil-Slobodni i Nenasilni Izbori 2013Набљудувачите на Цивил кои денес, практично од почетокот на прегалсувањето, информираат за нерегуларности, забележуваат дека тие се интензивираат во попладневните часови, како што наближува затворањето на избирачките места.

Тензиите околу гласачките места кај Дом на градежните растат во попладневните часови, наводно поради очекување на бран гласачи од Пустец, Албанија, кои и минатиот круг на гласање предизвикаа сериозни сомневања за демографска интервенција во општина Центар.

Кај ФФМ неколку набљудувачи забележаа гласачи од Пустец, но и од општините Велес, Струмица, Кавадарци, Аеродром и Бутел, како и гласачи родени во „ХХК“, односно без место на раѓање.

Пред гласачкото место 2839 кај Работнички универзитет стојат партиски активисти и ги убедуваат граѓан(к)ите дека гласањето не е денеска, туку на 28 април или ги убедуваат дека тоа не е нивно гласачко место.

Јавно прозивање на гласачи во избирачкото место 2854 кај ФФМ.

Во ходниците на ОУ Песталоци, забележани се вооружени полицајци.

Лифтовите на неколку висококатници на улица Народен Фронт и Васил Ѓоргов „мистериозно“ престануваат со работа.

Пред Домот на градежните, припадници на полицијата во униформа и во цивилна облека легитимираат и ги запишуваат присутните новинари, а при тоа одбиваат самите да се претстават пред нив.

Партиски активисти попречуваа телевизиски екипи и новинари да ја вршат својата работа на неколку избирачки места во Центар.

Набљудувач на Цивил е попречен во својата работа од страна на изборната комисија на избирачкото место 2839 (Работнички универзитет). По интервенција на Мобилниот тим на Цивил, нашиот набљудувач ја продолжи работата.

Според телефонско јавување од еден граѓанин, едно лице се однесувало насилнички кај избирачкото место 2808 во присуство на полицијата која, според јавувањето, не реагирала на ова однесување.

Организиран превоз и агитирање се регистрира во Житоше, општина Долнени, каде е забележително големо присуство на полицијата. Пред гласачко место во с. Дебреште, општина Долнени, на полициско возило е монтирана камера, насочена кон влезот во гласачкото место.

Цивил ќе излезе со уште информации на прес конференција во 20:30 часот кај споменикот на Мајка Тереза.

YOUTUBE: https://www.youtube.com/user/CivilOrgMK

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish