Хуманитарни пакети од Црвениот Крст се дистрибуираат до домовите на настраданите

Екипи на Црвениот Крст продолжуваат и денеска со дистрибуција на хуманитарни пакети во загрозените подрачја. Оттаму информираат дека на двата пункта, во ОУ „Наум Наумовски - Борче“ и „Момин Поток“ се собира помошт и се распределуваат хуманитарните  пакети. Ангажирани се околу 100 професионалци и волонтери, кои одат од куќа во куќа и ја дистрибуираат храната директно во домовите на жителите од загрозените подрачја, бидејќи луѓето не можат да излезат од домовите.

„Во првата фаза се дистрибуираа пакети со вода, конзервирана храна, пелени, а од вчера се потребни и гумени чизми, лопати и санитетски средства за да се спречи појавата на зарази.  Најавена е дистрибуција на  хигиенски услуги, а  како следен чекор, ќе бидат дистрибуирани ќебиња, облеки и душеци. Мобилни сме дваесет и четири часа. Се обидуваме да стигнеме до секоја куќа. Пакуваме и ја проверуваме храната пред да ја доставиме, за да не дојде до дополнителни компликации, доколку е нешто со поминат рок“, изјави Александра Ристоски, активистка во Црвениот Крст.

Со досегашните повици од граѓаните, како што вели Ристоски, се обезбедени околу 8, 5 милиони денари. Средствата ќе им бидат донирани на граѓаните како парична помош, откако општинската Комисија ќе изврши проценка на штетите.

Граѓаните кои сакаат да донираат, можат да уплатат парични средства на отворената жиро сметка на Црвениот Крст: 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка, и да се јават на 143 400.

Апелот на Црвениот Крст за помош на настраданите во поплавите и натаму продолжува.

Климентина Ѓорѓиоска

 

Print Friendly, PDF & Email