Хистерична и изнемоштена номенклатура

Го слушам саундтрекот на легендарната филмска трилогија „Матрикс“ и работам на некои свои ракописи. Ниедно време во ноќта, 03:27 часот. На телефонот имам неисклучена нотификација да ја гледам претставата на Никола Груевски и неговата дружина за десетгодишниот отчет на неговата партија, на линкот кој ми го прати мојот колега. Гледам, и тој е онлајн, не спие.

Shkruan: Xhabir Derala

Пишува: Џабир Дерала

Музиката од „Матрикс“ почнува одново... Одат Propellerheads со „Spybreak“, па следи Ministry со „Bad Blood“. Некаде кај Rob D и неговата маестрална ствар „Clubbed To Death“ решавам да останам со музиката, а „отчетот“ да го разгледувам поинаку.
Навистина, си велам, безобразно е да потрошам четири часа на оваа евтина и провидна претстава.
Мислам дека ќе ми биде доволно да се задржам на неколкуте кратки видео парчиња кои ги гледав во текот на денот, од кои клипчето со господин Страхил кој го замени пензионерот кој се претстави како господин Драган. Ако само таа случка се погледне, ќе се види дека времето и настаните немилосрдно го газат Груевски. Само средбата со пензионерот господин Драган на сцената ни открива уште еден очајнички обид да се прикаже некаква моќ, а воедно и блискост со народот.
Мора ова парче од настанот да им траело бескрајно долго и на двајцата, демисионираниот премиер и неволниот пензионер. Но, тоа е, двајцата беа на сцената, под блескавиот млаз светлина од рефлекторите. Мораа да прават нешто.
Пензионерот господин Драган, невешто ги туркаше зборовите напред, глумејќи сурогат за претходно договорениот господин Страхил кој, ете, си заминал. Груевски, како водител-почетник на лоша приредба, со тоа микрофончето залепено на лицето, ни оддалеку не изгледа убедливо, па што и да посакал да постигне со прозивката на пензионерските господа. Мене повеќе ми изгледаше како да си вели „Што ми требаше, пак, сега ова?“ Го праша за здравјето, збунет и невешт. Тој другиот, господин пензионер, уште позбунет, се обидуваше да се присети на текстот што му го шепнале набрзина, пелтечеше онака, колку да пројде. Како учениче кое рецитира стихотворба што ниту ја знае добро, а ниту сака да ја научи.
Лоша стихотворбава, не ја бива. Трае цела вечност.
Сепак, не секому оваа циркуска точка му траеше бескрајно долго. Министрите и партиските функционери, речиси без исклучок, колку што може да се види од снимката, се кикотат како лоши ученици кои начекаа момент на одишка. Ова кикотење е, на некој начин, акт на предавство. Хистеричен изблик на немоќ, но и непослушност. Измастени од купишта украдени пари што им ги обезбедил најтесниот круг на фамилијата, тие не сакаат веќе да играат во оваа циркуска претстава. Можеби и му се ситеа на, без крв, соборениот автократ, сакајќи со тоа, за миг, да ги оттргнат црните мисли за тоа дека се негови верни соучесници.
Додека оди Hive со „Ultrasonic Sound“ од првиот дел на „Матрикс“ се вртам кон порталите каде што влекачите и другите ладнокрвни суштества од агит-проп машинеријата на Груевски. Ништо посебно, само уште една епизода во бескрајната низа на понижување на сѐ што може да значи новинарство. Бескрајно редење, како ехо, на „постигнувањата“ на една авторитарна клика. „Мега отчет“ за 3.500 проекти. Да му се преврти утробата на човек. Опустена земја, со речиси триесет отсто иселени, уште толку сиромашни и невработени, а останатите во неизвесност, а тие зборуваат за успеси, за одржан збор, за благосостојба... Зарем не се навикна до сега на сета срамна и провидна пропаганда? – можеби ќе праша некој. Не! И немам намера да се навикнам на тоа.
Не можам и не сакам да се навикнам на тоа дека меѓу партијата и државата е поставено знак на равенство, поточно дека државата е заробена во вистинска и целосна смисла на зборот.
Токму тоа и го покажува и докажува овој „мега отчет“ на Груевски и неговите соучесници. Дека сѐ што се случува во Македонија тој контролира, тој аминува и тој кажува дали е добро, а секако кажува дека е добро само тоа што тој го прави. Ако некој се спротивстави, се знае, ќе биде распнат и демонизиран, па и „пиштол у уста“ може да добие и во апс да оди.
Сепак, на самиот крај, наместо грандиозна претстава на неприкосновена моќ, гледаме знаци на замор. „Мега отчетот“ на властодршците оддаде слика за една изнемоштена и неуспешна криминална авантура. Мачна и смешна истовремено, оваа циркусијада ќе остане запаметена како уште една илустрација како се кинат шавовите на лошо скроен костум.
Додека се подготвувам да фатам нешто сон од оваа ноќ, исполнета со добра музика, но неубава тема, уште еднаш се присетувам на кикотењето на партиско-државната номенклатура и си велам: „Не ја бива стихотворбава. Лоша е и предолго трае.“
И ги симнувам слушалките.

Print Friendly, PDF & Email