Хаос во Сојузот на синдикати на Македонија!

По седницата на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, одржана на 13-ти ноември, ССМ денеска излезе со соопштение дека е сменет претседателот Живко Митревски, а на негово место е назначен Дарко Димовски, досегашен секретар на организацијата.

ssm-660x330

Во соопштението, како причина за смената на Митревски, се наведени повеќе причини како одржување седници без потребен кворум, издавање на имот на ССМ без одлуки на органите и телата, доносување одлуки спротивни на Статутот и на штета на поголемиот дел од членките на сојузот, како и создавање раздор меѓу гранските синдикати.

Ваквата одлука, ССМ ја доставил до Министерството за труд и социјална политика, кое донело решение назначениот Димовски, да биде запишан во Централниот регистар, како нов лидер на Синдикатот, и го доставило на 14-ти ноември.

„Централниот регистар, непочитувајќи ги законските одредби, сé уште ја нема извршено промената, со што му нанесува штета на севкупното членство на гранските синдикати на ССМ“, се вели во соопштението.

Во меѓувреме, Митревски соопшти дека поднел кривична пријава против министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, како и против пет други лица, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Министерката пак, го обвини Митревски за непознавање на синдикалните акти и целокупната постапка. Го потсети на 2010 година, кога во иста таква постапка, тој го сменил тогашниот лидер на ССМ, Ванчо Муратовски, при што, наместо со решение од министерот, е впишан во Централниот регистар - со заклучок, како несоодветен правен акт во постапка за упис на одговорно лице.

ССМ најави прес-конференција на која ќе се изнесат сите документи за смената на Митревски.

 

Print Friendly, PDF & Email