Човечкиот живот не значи ништо!

Како во сцени од црните утопии за апокалипсата, мртви луѓе и животни потопени во кал, среде ужасна смрдеа и урнатини лежеа со денови, кога невремето го зафати скопскиот регион.

Пишува: Џабир Дерала

Пишува: Џабир Дерала

Повторно дожд. И страв од повторување на глетките од поплавените подрачја во скопско, а потоа и прилепско, кичевско... Страв од непогода или страв од последиците од неработењето на неранимајковците?

Ова општество, а уште помалку државата не направи ништо да се одбрани од посилно невреме, со превенција и мерки за спречување на последиците и санација од евентуални штети. Со малку труд и здрава мисла, невремето немаше да се претвори во трагедија. Наместо тоа, имавме ден на жалост. Медиумите под контрола на власта повторно не се служеа со факти за состојбите, туку со ниски и перверзни конструкции, заговори и сеење омраза.

Американците се виновни! Тие го донесоа невремето! „Бесчувствителните платеници и предавници“ им помогнаа на „мрачните сили“. „Племето ги исече дрвјата“, па и тие се виновни, колку и Американците, „платениците и предавниците“. Ни збор за петте милиони (пет милиони!) садници кои „насади“ власта во деновите на дрвото кои добија статус на државен празник. Ни збор за тоа дека се преземале мерки да се спречи и казнат дрвокрадците. Ништо ни за урнатите мостови од претходни поплави, за ветувањата, за повеќекратно фрлање лопати на исти објекти, ветени и неизградените системи, уништената и запоставена инфраструктура. Виновни се „платениците и предавниците“!

Што навистина се случуваше во тие тешки денови за настраданите? Тие, „бесчувствителните платеници и предавници“ се самоорганизираа да им помогнат на настраданите, собираа пари на сите настани што ги организираа, носеа и превезуваа помош, ја доставуваа до оние на кои им беше најтешко во тие мигови. И тоа сѐ уште го прават.

За тоа време, единствена грижа на машинеријата на власта беше да побрза да спроведе кампања за подобрување на својот имиџ. Наместо да наведнат глава од срам и да се фатат за работа, тие ги пуштија своите кучиња да лаат наоколу. За одговорност не станува збор. Разбирливо. Последиците од невремето се само ситница во споредба со папката со далеку потешки дела за кои се осомничени и за кои ќе одговараат пред судот на јавноста и правдата.

Допрва ќе се откриваат случаи на тешките злоупотреби и по несреќата, не само одговорноста за тоа како и зошто дојде (доаѓа и ќе доаѓа) до толку тешки последици од невремето кое имаше размери кои одвај го надминуваат локалното. Во разговори со моите извори од теренот дознавам ужасни нешта.

Хуманитарни пакети од Црвен Крст се ребрендираа со жолти лавчиња и се носеа во погодените подрачја. Некои канцеларии на Црвен Крст во земјава немаат пари ни струја да платат, но тоа нешто што го имале да го дистрибуираат било препакувано за да послужи за пропагандни цели, како што ме информираат, со молби да не го откријам нивниот идентитет. Стравот е голем, но совеста ги мачи и затоа сакаат да проговорат, макар и тивко, со шепот.

Задолжително, членовите на владејачката партија, според моите извори, биле принудени да одвојат дел од своите приходи и да ги уплатат на сметка на партијата. Значи, на сметката на партијата, а не на хуманитарните организации како што е Црвен Крст, на пример. Притоа, ова било задолжително, а не доброволно, иако хуманитарната помош во суштина е доброволна постапка.

Според тоа што го слушнав од неколку други соговорници, осигурителните компании ќе мора да исплатат прилично високи суми за оштетени возила. Некои луѓе се сомневаат дека некои возила не биле таму во критичните моменти. Дали биле навистина таму во критичното време. Се зборува и дека партиите на власт имаат контрола врз осигурителниот бизнис на некои компании, за да овозможат „побрз проток“.

Погодувате? Сево ова е строго партиски контролирано. Од помошта во храна, вода, лекови, ќебиња, пари, до осигурувања и исплата на отштета на погодените семејства.

Додека упорно врне, прашањата, предупредувањата и стравувањата се ројат. Каде ќе има ново свлечиште? Уште колку луѓе, колку деца(!) ќе настрадаат во оваа сезона?!

Човечкиот живот не значи ништо. Поважни се фасадите, песните за зеленилото и милионите садници, песните за Лидерот, спомениците, контролата врз медиумите, задржувањето на власта по секоја цена, крадењето... 24/7! Не само кога врне и има поплави, секогаш, секаде, во секоја област.

Сеењето страв и омраза против тие што навистина сакаат да помогнат мора да престане! Институциите мора да предводат, хуманитарната помош и солидарноста на граѓанките и граѓаните се дополнување. Донациите не смеат да одат во партиски каси, а тоа досега што се слеало мора да биде презентирано на јавноста, исто како и патеката на сите пари и добра. Тие што не преземале мерки за превенција мора да поднесат оставки и да одговараат пред институциите на правдата. Помошта мора да биде доставена до сите подеднакво, а не врз основа на партиска припадност и лојалност.

Злосторството секогаш остава трага. Како што сѐ гледаат низ призмата на парите и моќта, така сите недела може да им се откријат токму по мрачната патека на парите и садистичкото уживање на моќта која ја приграбиле. Тие што молчат, а знаат што се случува и имаат докази за престапништвото, се соучесници. Ќе го повторувам ова додека нештата не почнат да се менуваат.


 

Објавено во Плусинфо и Слободен печат.

Print Friendly, PDF & Email