РЕТРОактива – регионален проект за граѓанскиот активизам и отпорот

Регионалниот проект РЕТРОактива претставува заеднички напорт на повеќе организации да направат ретроспектива на граѓанскиот активизам и отпорот во постјугословенскиот регион во периодот 1980-2016 година.

РЕТРОактива е заеднички проект на ГОНГ од Хрватска, Центар за културна деконтаминација од Белград, ЦИВИЛ – Центар за слобода од Скопје, Анима – Центар за мировно и женско образование од Котор и Хелсиншкиот граѓански парламент од Бања Лука.

Целта на проектот е да се документираат и афирмираат најинтересните активистички и уметнички иницијативи во текот на изминатите 30 години во постјугословенскиот регион.

„Се работи за активности преку кои се преиспитувале и денормализирале доминантните дискурси на национализмот, економскиот либерализам, милитаризмот и кршењето на човековите од сите аспекти“ – вели Марина Шкрабало (ГОНГ), во својата изјава за ЦИВИЛ Медиа.

Голема изложба на која ќе се прикажат одбрани активистички и уметнички дела од целиот регион ќе се отвори на 13 април во Загреб. Изложбата ќе ја обликува КУРЗИВ – Платформа за прашања на културата медиумите и општеството од Загреб.

Паралелно со изложбата ќе се одржи и голема регионална конференција која ќе даде (само)критички осврт на достигнувањата, препреките и пропустите на граѓанскиот активизам и уметничкото дејствување и обликувањето на нашите јавни простори, политиките и општествените ставови и односи. Делата изложени во Загреб ќе бидат на располагање и за други изложби во регионот.

Наместо еднократни публикации, документацијата, дебатите и текстовите собрани или креирани во рамките на проектот ќе бидат трајно достапни на веб страницата со работен наслов „Активистички споменар“ која ќе може да се надополнува и да послужи како „учебник“ за прогресивните активистички и уметнички иницијативи во постјугословенските земји од крајот на 80-те (пред војните и распадот на СФРЈ) до 2016 (во светлина на актуелната криза на демократијата и безбедноста ширум Европа).

Проектот е поддржан во рамките на програмата Европа за граѓаните.

Print Friendly, PDF & Email