Водата и влагата не се проблем само на Археолошкиот музеј, туку и на Архивот!

Не стивнуваат реакциите на граѓанките и граѓаните по објавениот текст „Изби вода под Археолошкиот музеј“, објавен на веб-страницата на ЦИВИЛ на 17 август. Ставовите се поделени, пред се, поттикнати од политичката афилијација на граѓан(к)ите. Но, меѓу реакциите имаше и коментари кои укажуваа на фактот, кој инаку, и е добро познат на јавноста - дека речиси сите нови „барокни“ градби што никнаа на Кејот на Вардар, го имаат истиот проблем по секоj поголем врнеж

Во објавениот текст на ЦИВИЛ Медиа, стои и дека покрај едната поплавена „галија“, вода избила и во подрумските простории на новиот МНТ, а на поплавени простории, се жалеле и вработени во Министерството за надворешни работи. Текстот го преземаа повеќе медиуми, од кои дел го прокоментираа како невистинит.

Археолошкиот музеј демантираше дека се случила поплава, иако тоа не се ни тврди во текстот, соопштувајќи дека се изненадени и згрозени од  ваквото медиумско известување.

„Сметаме дека овие портали имаат само цел да се дискредитира работата и популарноста на музејот. Не случајно го пласирале текстот еден ден пред денешниот настан, кога имаме акција со Црвениот крст за дарување на крв, како придонес за неодамнешната трагедија во поплавените подрачја“, стои во демантот на музејот од 18 август.

По ваквите реакции,  ЦИВИЛ Медиа го истражи случајот и од поинаков агол и разговараше со граѓанка која сакаше да остане анонимна поради стравот од реперкусии. Нашата соговорничка, поради работното место кое и овозможува пристап до објектот каде е сместен Археолошкиот музеј, ја сподели информацијата дека објектот на музејот е со три влеза: однапред, влезот на Археолошкиот музеј, а  од задната страна, двата влеза, на Уставниот суд и на Архивот на Република Македонија.

Според неа, избивањето вода и влагата, не се проблеми само на Археолошкиот музеј, туку на сите институции кои се сместени во истиот објект, како и на нивните вработени, бидејќи, не се работи само за инцидент, туку за проблем што се повторува.

„Самата поделба на Археолошкиот музеј од Етнолошкиот и Историскиот музеј, воопшто не беше потребна, а уште помалку имаше потреба, во иста зграда да се сместат три институции кои воопшто не се сродни“, изјави нашата соговорничка. Според неа, последните три ката од истиот објект се на Архивот, а на 23-ти август, (ден пред разговорот - н.з.) лифтовите кои инаку се спуштаат две нивоа под објектот, не работеле поради поплавените подруми, а вработените се пожалиле дека не им работи и вентилацијата.

„На најгорниот кат каде што е раководниот кадар, се отвораат прозорците, на другите два ката, нема природна вентилација. Тие имаат централно греење и ладење, кое во моментот, не работи. Колегите од Архивот направија фотографии кои покажуваат во какви услови работат, а истите не можат да ги покажат или достават, затоа што веднаш ќе се знае кој ги направил. Вработените работат во огромни простории од типот на 'океан', ама од тоа нема ни 'О'. 'Океан системот' подразбира минимум простор за еден вработен, преграден со паравани. Таму нема таков простор. 'Преградата' е направена со нивните ормани кои се високи, па нема пристап ни на светлина, ниту пак, има циркулација на воздух. Вработените се жалат, имаат здравствени проблеми, но нема кој да ги слуша... Ги иселија од зграда која беше градена со сите стандарди. Во моментот, имаат влага, а таму ги чуваат архивските документи. Тоа се простории кои не ги задоволуваат основните градежни, архитектонски и сите останати потребни стандарди, за зачувување на архивските документи. Со влагата се соочуваат од првиот ден кога се пресели Архивот, документите се влажни. Тој проблем го имаа од старт, со свои и очи ја имам видено по ѕидовите. Значи, во таа зграда, без разлика дали ќе се симнат долу или ќе останат горе на катот, документите веќе се загрозени“, ни изјави соговорничката.

„Ако продолжат да се чуваат во тој простор, документите  ќе се оштетат, а да не зборуваме за подземјето, каде им избива вода. Сомнително е селењето на депото, кое досега беше сместено во зграда од четири ката, специјално изградена за таа намена - зачувување на архивските документи. Ако го преселат целото депо, во новите простории каде физички нема простор за таа архивска граѓа што е сместена во досегашното депо, постои можност драгоцени документи од нашето културно и историско наследство да исчезнат засекогаш“, вели нашата соговорничка.

Објектот кој е дел од проектот „Скопје 2014“, според нашата соговорничка, не е изграден според градежните стандарди, ниту е водено сметка за потребите на институциите кои тука се сместени.

Биљана Јордановска

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English