АВМУ: Со француски модел ќе се обезбедува балансирано известување

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги - АВМУ одлучи да направи нова методологија која ќе важи само за изборите што нè очекуваат на крајот од 2016 година“, истакна д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, на почетокот на денешниот состанок, на кој беше презентирана Нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во 2016 година.

На овој начин нема да се мониторира начинот на кој известуваат интернет порталите, кои нема да бидат обврзани балансирано да известуваат. Како што информираа од Агенцијата, разгледани биле искуствата од европските земји, и одбран е францускиот модел што ќе се прилагоди на македонската практика и регулатива.

Емилија Петреска Камењарова, раководителка на Одделението за медиумска писменост, ги образложи целите, опфатот и периодот на мониторинг на изборното медиумско претставување. „Една од специфичностите на овој изборен процес е тоа што одредбата за утврдување баланс во известувањето почнува да важи 100 дена пред денот на одржување на изборите“, посочи Петреска Камењарова.

metodologija_AVMU

„Радиодифузерите треба да обезбедат баланс во известувањето за парламентарни избори согласно принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. Врз основа на искуствата од мониторингот на известувањето за изборите што беа закажани за првата половина од годинава, направени се допрецизирања во делот на методологијата што се однесува на известувањето за активностите на претставниците на власта во функција на изборно медиумско претставување. Потпирајќи се врз методологиите и искуствата од претходните мониторинзи на изборни процеси, примерокот врз основа на кој ќе се извлекуваат оценки за балансот во известувањето е поставен на десет дена.  Допрецизирање има и во однос на коментарот како новинарски жанр, кој треба да биде јасно одделен од другите новинарски жанрови како вестите, извештаите, интервјуата, репортажите итн„, се вели во соопштението кое го објави Агенцијата по завршувањето на презентацијата.

Членовите на Привремената комисија за мониторирање на медиумите, утре ќе ги разгледуваат апликациите на заинтересираните кои се пријавиле на повикот или биле предложени за петти член на ад хок телото.

Марија Теговска

 

Print Friendly, PDF & Email