Конфузија во ДИК

Државната изборна комисија на денешната седница со седум гласа „за“ и два гласа „против“ го усвои Извештајот за податоците од теренската проверка. Според ДИК, од вкупно 87.352 прашалници доставени до подрачните одделенија и канцеларии на ДИК за спроведување на теренските проверки, вратени се 87.074 прашалници, и недостасуваат само 282 прашалници во подрачните одделенија во Карпош, Чаир, Гази Баба, Велес, Крива Паланка, Тетово и Гостивар, а пронајдени  се и четири „дупли“ прашалници во Центар.

Но, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, изјави дека оваа бројка не е голема и дека не треба да се прави драма и дека дополнително ќе се проверат тие 282 лица за кои не е донесен прашалник во ДИК. Според извештајот пак од ИТ експертите, недостасуваат вкупно 414 прашалници.

По внесувањето на податоци од теренската проверка, во електронската евиденција на Државната изборна комисија, како неспорни се појавуваат 40.817 гласачи, а останатите 46.475, ќе се проверуваат, најверојатно,  повторно со помош на МВР.

Екипата на ЦИВИЛ - Центар за слобода ја следеше седницата на која членовите на ДИК го претставуваа Извештајот од спроведената постапка за примопредавањето и броењето на прашалниците за спроведување на теренските проверки.

Според Извештајот на ДИК, во Општина Велес се предадени 239 прашалници, а  вратени 234 прашалници, па во ДИК, недостасуват 5 прашалници, во Штип се предадени 2.137, а вратени се 2.136, недостасува само еден прашалник, во Гостивар се предадени 4.383, а вратени се 4.370 - недостасуваат 13 прашалници. Во Крива Паланка од 512, се вратени 507 прашалници, а загубени се 5 прашалници од анкетарите. Во Гази Баба се предадени 5.720, а вратени се 5.703 прашалници -недостасуваат 17 прашалници, во Тетово од предадени 6.593, се вратени се 6.560, па недостасуваат 33 прашалници, меѓутоа, според членовите на ДИК недостасуваат само 9 прашалници , бидејќи останатите биле внесени по електронски пат... Во Куманово недостасуваат 114 прашалници од вкупно 11.677, а во Карпош се дадени 6.864, а вратени се 6.841 прашалник, па недостасуваат 23 прашалници... Во Чаир се дадени 17.041, а вратени се 16.970 и недостасуваат 71 прашалник.

Игор Милев, член на ДИК, изрази сомнеж во извештајот, и според него, спорно е што 6.566 прашалници не се пополнети со ДА или со НЕ, на прашањето дали се анкетарите се сретнале лично со лицето кое требало да е анкетирано. Милев вели и дека 30 лица „живеат“ со дополнителни 8 лица кои гласаат. Тој истакна дека 8.650 лица се запишани и со други 6 лица со различно презиме, додека 1.349 лица живеат со други три лица во ист стан. Тој потенцираше дека 1.338 лица кои имаат над 30 години, се запишани само во една институција.

DSCN7328

Според Силвана Бонева, член на ДИК, спорните податоци со теренските податоци од прашалниците се поради тоа што електронскиот систем не дозволува поправка доколку кликнат погрешно на некое прашање при електронското внесување на податоци. Таа додаде дека сите спорни резултати од теренската проверка ќе се проверат дополнително.

Милев пак, потенцираше дека лицата кои правеле теренска проверка и кои електронски ги внесувале податоци, не потпишале никаков договор со ДИК, ниту потпишале некаков договор со Дирекцијата за заштита на лични податоци. Бонева му реплицираше на Милев дека во ДИК имале проблем со внесување на податоците во електронскиот систем и дека побарале помош од Министерството за информатичко општество и администрација за да ги внесат податоците.

За 46.475 граѓани кои ќе бидат предмет на повторна проверка во базите на податоци или со помош на МВР, за 8.878 лица анкетарите добиле одговор дека живеат на дадената адреса но дека се привремено надвор од државата, за 5.093 чица  дека живееле на посочената адреса, но се иселиле, за 523 дека починале, а за 2.945 граѓани дека живеат во Македонија, но престојуваат на друга адреса.

 

Д. Муратов

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian