Хајндл: Датум и услови за избори, СЈО без опструкции, спроведување на реформите на Прибе

Специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи за Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл, испорача три приоритети со кои треба да се искористи позитивниот моментум по целосното повлекување на аболицијата од страна на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов партиите да се договорат за датум на изборите и да ги исполнат условите за слободен и фер изборен натпревар, СЈО да работи без опструкции и слободно, а реформските приоритети од извештајот на Прибе да се спроведат без одлагање.

„Што е неопходно сега? Прво, партиите треба да се договорат за датум на изборите и да го направат она што е потребно за да се исполнат условите за слободни и фер избори. Второ, на специјалната обвинителка мора да ѝ се овозможи да го исполни својот мандат без какви било опструкции и на слободен начин. И трето, партиите треба да се согласат без какво било одложување за спроведувањето на итните реформски приоритети и да ги адресираат недостатоците идентификувани во Извештајот на Прибе. Ова може да се постигне и изводливо е. Треба да се искористи позитивниот моментум“, порача Хајндл.

По серијата средби во Скопје со највисоките претставници на власта и лидерите на четирите партии - потписнички на договорот од Пржино, тој ја повтори оценката на меѓународните претставници дека излезот од кризата е токму во тој договор,  а дека неговото одолговлекување ја продолжува кризата, нанесувајќи ѝ штета на земјата. „Искрено, времето изминува. Затоа мојата порака беше дека е потребно да се реафирмира и ревитализира Пржинскиот договор  како валидна и обврзувачка рамка за реформскиот процес кој претстои“, истакна германскиот дипломат.

Хајндл ја поздрави одлуката на Иванов за повлекување на помилувањата, што според него овозможува враќање на фокусот кон спроведување на договорот и кон прашањата кои, како што вели, се клучни за иднината на земјата.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian