ЦИВИЛ го одржа јавниот настан за социјална правда во Битола

Тимот на ЦИВИЛ го одржа настанот во рамките на Иницијативата „Социјална правда сега!“, наспроти сите притисоци и противуставната забрана од градоначалникот на Битола, Владо Талески.

Градоначалникот Талески, во своето образложение за неиздавање на дозвола за одржување на настанот, тврди дека просторот е зафатен со подготовки на Битфест, кој започнува на 25 јуни. Тимот на ЦИВИЛ ги посети двете локации за кои побара дозвола за одржување на настанот во рамките на Иницијативата „Социјална правда сега!“. На ниедно од двете места, немаше ни трага од подготовки, што може да се утврди и од фотографиите и видеото кои ги направија членовите на Редакција ЦИВИЛ Медиа.

Во текот на вчерашниот ден, многумина дадоа поддршка на ЦИВИЛ на социјалните мрежи, а повеќе независни информативни портали ја објавија информацијата за оваа постапка на битолскиот градоначалник. Тимот на ЦИВИЛ реши да го искористи со Устав загарантираното право на граѓанките и граѓаните да го изразат своето мислење.

Настанот на ЦИВИЛ го привлече вниманието и на сите локални медиуми во Битола. На панелите поставени кај локацијата на настанот, граѓанките и граѓаните пишуваа што, според нив, е социјална правда. Настанот, на кратко, го прекина невремето, по што изјава за медиумите даде Синиша Станковиќ, уредникот на ЦИВИЛ Медиа, а продолжението на проекцијата се одржа во просториите на организацијата „За нас се работи“.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian