ЦИВИЛ ги повикува Груевски и Ахмети веднаш да реагираат

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува граѓанките и граѓаните на смиреност и рационалност во оваа тензична ситуацијата во Куманово.

Бараме МВР веднаш да излезе со официјални и релеванти информации за полициската акција во кумановската Дива населба, особено за бројот на повредените и жртвите, меѓу цивилите и меѓу припадниците на полицијата, доколку ги има, за да се престане со шпекулациите кои се шират низ медиумите и социјалните мрежи. Во ситуација кога американската амбасада изразува сочувство за загинатите и поддршка за ранетите, недозволиво е МВР да пласира само штури информации.

Тајмингот на акцијата на МВР и нејзиниот интензитет, во
контекст и на квантитетот на пласираните шпекулации, пред акцијата и денес во текот на нејзиното одвивање, отвораат многу прашања. Пред сѐ, во поглед на длабоката политичка криза, протестите на македонските граѓанки и граѓани ширум земјата, поради полициската бруталност и содржините на објавените опозициски „бомби“, како и пред најавениот голем протестен минтинг на 17-ти мај, на кој ќе се бара оставка на Владата.

Соседна држава распоредува воени сили на макеоднската граница, во Куманово се уште се слушаат спорадични пукотници, се шират гласини за бројот на жртви и ранети меѓу цивилите и припадниците на силите за безбедност, се засилуваат стравот и тензиите, а лидерите на владејачката коалиција Никола Груевски и Али Ахмети никаде ги нема?!

ДУИ испрати партиско соопштение во кое повика на разум. Но, таа партија и премногу долго му служи и го заштитува својот коалиционен партнер. Затоа, како најодговорни со нивното (не)дејствување за се што се случува, и лидерот на ДУИ, Ахмети, и особено премиерот Груевски, кој при досегашните вакви и слични контроверзни ситуации обично беше вон Македонија, мора веднаш заедно да излезат пред јавноста и да им објаснат на сите граѓанки и граѓани што се случува во нивната Македонија!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish