Жед за слобода на мостот кај Сува Река

Сабота, 13 јуни, Гевгелија

Беше квечерина кога стасавме на мостот кај Сува Река. Тогаш, тишината на постапокалиптичната глетка ја разби звукот на чекорите на десетици луѓе кои се појавија одеднаш, од зад џбуновите на брегот на сувото корито. Го преоѓаа мостот во тишина. Поголем дел од нив со сведнати глави. Претежно млади луѓе. Една млада жена со две деца ја придружуваа двајца кои погледнаа камерата. Сирија! – ни дофрли едниот, сакајќи со еден збор да ни раскаже сѐ што не може да биде раскажано. Прашуваат во од, не застанувајќи. Еден млад човек се потпираше на стап, беше повреден. Знаат англиски. Нѐ прашаа дали има полиција на другиот крај од мостот. Веќе знаат дека властите во Македонија се бездушни.

Заминуваат преку мостот.

По патот до патарината кај Велес гледаме уште многу колони бегалци од војните. За само еден час, на таа делница од патот видовме неколку стотици бегалци. Повеќето одат пеш, а неколку десетици од нив се на велосипеди.

Чувството на немоќ и сочувство во нас е придружено со револт и гнасење од војните, но и од бездушноста на овие власти кои не најдоа време и доблест да им помогнат на илјадниците страдалници барем толку колку што налагаат меѓународните стандарди.

Понеделник, 15 јуни, се чека на нелегитимната влада на Груевски да направи легитимен чекор, да ги исполни обврските на оваа земја кон оваа категорија луѓе. Останува и обврската решително да се санкционираат лицата под униформа и сите оние кои ги малтретираат и искористуваат бегалците.

Текст и фото: Џабир Дерала

Print Friendly, PDF & Email