Вработените во „Леарница“ протестираат пред Владата

Дел од вкупно 180 вработени во МЗТ „Леарница“ - Скопје денеска протестираа пред зградата на Владата. Тие бараат итна исплата на заостанатите просечно 7 до 8 плати по работник, придонеси за здравствено и пензиско осигурување повеќе од една година и решение за опстанок на фирмата.

„Секому должат различно, но во просек по 7 до 8 плати по работник не ни се исплатени. Иако речиси три недели протестираме, никој нема слух за нашите барања. Сопствениците на фирмата очигледно немаат решение, затоа бараме Владата да го реши нашиот проблем“, вели Љупчо Димитриевски, еден од вработените во „Леарница“, загрижен за својата иднина.

Работниците велат дека за своите проблеми ги алармирале сите државни инспекции. Некои инспекциски служби извршиле контроли врз работата на фирмата.

„Чудно е како после толку неисплатени плати, не е отворен стечај во фирмата, зашто согласно со законската регулатива, условите се исполнети. За нас вработените, најдобро решение е да се најде инвеститор, којшто ќе ни ги исплати заостанатите плати и ќе склучи договори што ќе бидат гаранција за опстанок на фирмата. Вака сите сме во безизлез“, се жалат вработените.

Тие тврдат дека протестите ќе продолжат секојдневно, сѐ додека не им се исполнат барањата, затоа што им е загрозена нивната и егзистенцијата на нивните семејства.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email