V-Day 2016: Да го скинеме синџирот на насилството!

Под мотото „Една милијарда се крева против насилство”, акцијата за глобално движење за запирање на насилството врз жени и девојки, V-Day,  по четврти пат се одбележа во Македонија.

Националниот совет за родова рамноправност при СОЖМ, оваа година е иницијатор и организатор на  перформансот, заедно со  UN Women, UNDP MK и УНФПА/UNFPA, кој вчера се одржа во Жена парк,

Кампањата, започна на Денот на вљубените 2012 година, како повик за акција, поради неверојатните статистики дека една од три жени на планетата ќе биде тепана или силувана за време на нејзиниот живот!

На 14 февруари 2013, луѓето од целиот свет се собраа да го изразат своето незадоволство и да танцуваат. Следната  година, „Една милијарда се крева“ се фокусираше на прашањето за потребата за правда - за сите жртви на насилство, кои живеат во пресекот на сиромаштија, расизам, војна, капитализам, империјализам и патријархат.

За третата година на кампањата „Една милијарда се крева“, глобалните координатори ја избраа темата: “Револуција”, поради што на 14 февруари 2015 година, милиони активисти во повеќе од 200 земји, меѓу кои и Македонија, се собраа за промена на парадигмата, да побараат отчетност, правда и системски промени.

Оваа  година, настанот се фокусира на маргинализираните жени.

07

ЦИВИЛ Медиа, разговараше со претседателката на СОЖМ, Савка Тодоровска, за тоа како помина настанот и која е пораката која беше испратена.

“Сите овие настани кои се случуваат во земјата, претпоставувам, дадоа друг ангажман кај нас, активистите. Така, вчера, беа само најголемите борци, во најголем дел жени, борци против семејното насилство, и сите други форми на родово базирано насилство. Инаку, настанот се организира веќе четири години во Македонија, а оваа година пораката e: ‘Да го скинеме синџирот на насилството!’”, ни рече Тодоровска.

Поттикната од малиот одзив на вчерашниот настан, Тодоровска испрати порака:

“Да се ангажираме сите ние, независно ако настанот е во недела во 12 часот. Сите професорки, докторки, судијки и сите останати жени, не треба да покажуваат активизам само преку доаѓање на состаноци... Активизмот значи вклучување и покажување на својата определба“

Print Friendly, PDF & Email