„Југохромци“ на протест, Министерството не попушта!

Дел од околу 700 вработени во тетовски „Југохром“, вчера еден час го блокираа сообраќајот на крстосницата кај Судската палата во центарот на Скопје, во знак на протест, затоа што речиси еден месец фабриката на работи. Исплашени за својата иднина и егзистенција, тие се категорични во ставот дека протестите ќе продолжат сѐ додека Инспекторатот за животна средина не ја повлече одлуката за гаснење на печките, зашто комбинатот сé уште не инсталирал филтри на оџаците. „Југохромци“ велат, и по гаснењето на печките на 2-ри ноември, Тетово котира високо на листата загадени градови во Македонија, зашто мерните станици бележат висока концентрација на штетни ПМ честички во воздухот.

„Екологија на празен стомак не треба. Треба првин да си сит, па потоа екологија... Интересите меѓу економијата и екологијаат се судираат“, вели Ненад Спасеноски, вработен во „Југохром“.

„Кој е виновен се знае, власта, државата. Ние ѝ ги плаќаме таксите на државата, плаќаме сѐ што треба, струја, даноци, а што добиваме, остануваме без пари“, реагира друг работник.

„Не може еден 'Југохром' само да загадува. Не може да седат луѓето на улица. Покрај ‘Југохром’, да знаат дека и други луѓе немаат примања, сите заедно, возачите на камиони, млади луѓе и тие се без плата, затоа и тие размислуваат да ја напуштат државата“, револтирано изјави Борче Спасиќ, исто така, вработен во тетовскиот комбинат.

Бајрам Амити, претседател на синдикатот на „Југохром“

Синдикатот на „Југохром“ бара од менаџметот на комбинатот да ја забрза постапката за поставување филтри на оџаците, но и од Инспекторатот - итно повлекување на одлуката. Во спротивно, најавува порадикални мерки.

„Бараме работа, ништо повеќе од тоа. Министерство за животна средина, односно, Државниот инспекторат треба да ја повлече одлуката, ние да продолжиме со работа. Така сметам дека нема да има повеќе проблеми. Во спротивно, ќе продолжиме со протестите, нема тука да застанеме, затоа што луѓето бараат леб, не бараат ништо повеќе од тоа“, изјави Бајрам Амити, претседател на Синдикатот на „Југохром“.

Југохром

Бајрам Ќамили, заменик раководител во „Југохром“

Од менаџерскиот тим на комбинатот за производство на силициум, велат дека веќе поднеле жалба на одлуката на Инспекторатот. Бараат пролонгирање на роковите за исполнување на условите за „А“ интегрирана еколошка дозвола, што требало да ја обезбедат, согласно со законската регултива од 2005 година.

„Не велиме дека ‘Југохром’ не е некој вид загадувач. И минатата и оваа година, има преземено одредени мерки. Синдикатот на комбинатот ги има тие информации, дијаграми..., се гледа дека и откако ја затворивме фабриката, загадувањето во Тетово, продолжува“, вели заменик раководителот, Бајрам Ќамили.

Генералниот директор на комбинатот, Васил Скендеровски акцентира дека постапката за обезбедување на „А“ интегрираната еколошка дозвола трае долго, и е условена од работата на повеќе државни институции.

„Ние започнавме со изградба на објектот во кругот на фабриката. Но, тој не е завршен, затоа што за обезбедување градежна дозвола е потребна документација која се обезбедува преку министерствата за транспорт и врски и за животна средина, потоа од Катастарот, но и од Општина Тетово. Во тек е постапка за решавање на имотно-правните односи. Значи, ние со месеци работиме на изнаоѓање солуција, поточно, на исполнување на законската регулатива, но едноставно, процесот е долг. Затоа, бараме од Владата да ни го пролонгира рокот, а веќе поднесовме жалба на одлуката на Инспекторотот“, истакнува Скендеровски.

Случајот „Југохром“ беше повод и за вчерашната прес-конференција на ресорниот министер, Башким Амети. Тој го повика раководството на комбинатот да го забрза процесот за поставување филтри, со што ќе го исполни условот за продолжување на работата.

133352466

Башким Амети, министер за животна средина и просторно планирање

„Оваа ситуација е резултат на неажурноста на раководството на 'Југохром', комбинат којшто е еден од најголемите загадувачи на Тетово. За жал, сега трпат вработените. Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите, за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на нивните работни места. Го охрабрувам раководството на комбинатот да изнајдат решение за барањето на вработените, сѐ до поставување на филтрите“, изјави Амети, посочувајќи дека донесената одлука на Инспекторатот е конкретна мерка  за намалување на нивото на загадување на воздухот во Тетово.

Според еколошкото друштво „Екогерила“, по гаснењето на печките во „Југохром“, овој месец според мерните инструменти загаденоста во Тетово е намалена за точно 45 проценти.

reagim2-400x300

„Денеска, Тетово е на 11 место на листата најзагадени градови во Македонија, а минатата година бевме први во светот! Сметаме дека државата треба да ги субвенционира платите на вработените, до целосно поставување на филтрите на оџаците. Ние и пред две години, тоа го баравме од Владата. Утре, ако се стават филтри, утре нека продолжи ‘Југохром’ со работа“, дециден е Аријанит Џафери, претседател на „Еко Герила“.

Според него, и Општина Тетово треба конечно да го реши проблемот со депонијата, но да преземе и други мерки, со коишто ќе се намали нивото на штетните ПМ честички во воздухот до нормални граници.

„Депонијата треба да се дислоцира надвор од градот и тоа веднаш! Да се најдат алтернативни решенија за сегашниот начин на греење, што го користат преку 90 отсто домаќинства. Наместо да се греат на дрва, градот да се гасифицира. Додека Владата троши пари на мегаломански проекти, подобро е да инвестира во алтернативна енергија“, вели Џафери.

Тој ја обвини Владата, зашто ветените 8 автобуси за јавен превоз веќе три години не пристигнале во Тетово, а во меѓувреме, граѓаните се принудени да ги користат приватните возила и дополнително да го загадуваат воздухот.

За овој еколошки проблем којшто е сериозна закана за здравјето и животот на тетовчани побаравме, но не добивме одговор од Општина Тетово.

Моника Талеска

Камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email