ЦИВИЛ најавува серија видео пораки со заеднички наслов „Обединети во различноста“

Започнува нова фаза на Иницијативата „Обединети во различноста“ што ја води ЦИВИЛ од средината на октомври. Од утре почнува серија видео обраќања од јавни личности во кои се говори за мултикултурата, етничката толеранција и европските вредности. Оваа недела, луѓето обединети во различноста, ќе се дружат со актерките Владанка Димковска и Несрин Таир, авторката Лиса Баута-Шаќири, а во текот на идната недела следат уште интересни видео пораки од новинари, експерти, активисти...

Простор има за сите. Секој што сака да го искаже својот став и своите пораки за тоа како луѓето можат да бидат обединети во различноста. Организацијата ќе објави и подетални насоки за тоа како да се сними селфи видео или да се закаже термин за снимање на отворено со екипата на ЦИВИЛ.

Иницијативата „Обединети во различноста” започна со интервју и галерија од дизајнерски решенија од познатиот ликовен уметник и активист Зоран Кардула.

Од почетокот на Иницијативата, на медиумската платформа на ЦИВИЛ се објавија и колумни од повеќе познати авторки и автори како Беса Арифи, Мирјана Најчевска и други. Веќе се објавија и интервјуа со Министерката за образование и науки, Мила Царовска и Националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски и други.

Секој ден ќе има нови содржини, а секако, гласот на граѓанките и граѓаните, особено нивните претставници од граѓанското општество, ќе бидат застапени во бројните објави што следат.

Македонското општество е мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко. Овој факт на реалноста ги претставува и убавината и големите потенцијали на земјата. И со овој проект, ЦИВИЛ испраќа силна порака против национализмот и ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат со поддршката на иднината на Северна Македонија во ЕУ.

Пораката е да бидеме ,,Обединети во различноста”. Да работиме за мир и просперитет и истовремено да го осознаеме богатството што произлегува од нашите различни култури, традиции и јазици.

Хаштаг на Иницијативата е #ОбединетиВоРазличноста, #TëBashkuarNëDallime или #unitedindiversity. ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да се приклучат кон Иницијативата и да дадат свој придонес со видео, текст, фотографија...

Иницијативата „Обединети во различноста“ се спроведува во соработка со Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.

Print Friendly, PDF & Email