ЦИВИЛ е отворен за информации за изборни нерегуларности од сите, заканите против организацијата се атак врз демократијата

Пред, за време на гласањето и во деновите потоа, ЦИВИЛ е опсипан со повици и пораки од граѓанки и граѓани, како и од дел од политичките ентитети кои учествуваа на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 13, 14 и 15 јули.

ЦИВИЛ ги набљудуваше изборите со 314 акредитирани набљудувачи, но во мониторингот многу помогнаа пријавите и соработката со голем број граѓанки и граѓани.

Овој изборен процес го придружуваше жестока црна кампања, која не го изостави ни ЦИВИЛ. Дел од нападите беа и сè уште се насочени против поединци кои се дел од организацијата. Воедно, забележани се и десетина случаи на директен притисок и закани врз набљудувачите да се откажат од својата позиција на изборни набљудувачи на ЦИВИЛ.

„Заканите, притисоците и говорот на омразата против нас се атак врз демократијата и човековите права во целост. Што се однесува до нас, тие само можат да нè направат посилни. Во секој случај, очекуваме институциите конечно да ги исполнат своите законски обврски и да ги санкционираат овие појави.“ – коментира Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ Тимот за комуникации објави дека организацијата е отворена за сите информации за изборни нерегуларности и кршење на човековите права и слободи, без оглед на тоа дали доаѓаат од граѓански пријави, партиски извори или од други невладини организации. Анализите од извештаите од 314 акредитирани набљудувачи на изборите се подготвуваат забрзано. Мобилен тим на ЦИВИЛ посетува различни места низ земјата и прибира сведоштва и материјали со кои ги проверува и потврдува извештаите од теренот.

Print Friendly, PDF & Email