ЦИВИЛ: Да не се заборави и никогаш да не се повтори 27 април

Соопштение на ЦИВИЛ, 27 април 2019 година

Поминаа две години од крвавиот напад во Собранието на Република Северна Македонија на 27 април 2017 година, кога беа загрозени фундаментите на демократијата и уставниот поредок на земјата. Тоа е настан што засекогаш ќе остане во сеќавањата на македонските граѓанки и граѓани, како потсетник за цената на демократијата што ја плаќаме сите ние заедно.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја повикува јавноста денеска да се сети на тој и на сите настани што му претходеа и да го осуди насилството и да повика никогаш повеќе да не ни се случи 27 април. ЦИВИЛ ги потсетува јавноста, политичките елити, медиумите и институциите, дека на ваквото екстремно насилство му претходеше долг период во кој одредени структури со години сееја страв и поделби меѓу луѓето, се служеа со говорот на омразата и лажните вести, повикуваа на поделби и насилство.

Со години претходно, национализмот и структурното насилство беа главна одлика на владеењето во Република Северна Македонија. Непосредно пред грозоморните настани на 27 април 2017 година, видовме организиран атак врз демократијата, слободата и мултикултурализмот во нашата земја. Листата од настани и структури што ги загрозуваат фундаментите на слободата и демократијата е долга и може да започне од многу одамна и да заврши со „долгите ножеви“ на Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи меѓу верските заедници и повиците полни со омраза и манипулации од Никола Груевски, сегашен почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и сите негови партиски поданици, пред Државната изборна комисија во декември 2016 година. На истите цели им служеа и иницијаторите и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Игор Дурловски и Борис Дамовски, сега веќе амнестираните и повластени пратеници Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, како и осудените Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдулфета Алими, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митровски Кољо и Александар Василевски Нинџа…

Да се запомни!

Ако власта амнестира, сторителите не признаваат, институциите и партиите забораваат, историјата не амнестира, не простува и не заборава!

Без оглед на тоа дали, како и зошто власта и опозицијата се испазариле по нападот врз Собранието, ЦИВИЛ ќе ги забележи и запомни имињата и монструозните постапки на сите што на овој ден се обидоа да убиваат луѓе, да предизвикаат војна и да ја уништат секоја шанса за прогресивна иднина на нашата земја.

Од оваа листа не смее да изостане и најголемиот виновник и организатор на теророт во Собранието, Никола Груевски, кој не само што не е казнет, туку и ја ужива својата слобода далеку зад границите на земјата за чија иднина ги повикуваше граѓаните на Македонија да излезат од своите домови и да ја „бранат“.

Неправдата од одлуката за амнестија на голем дел од виновниците за крвавиот четврток не е само неправда кон многубројните жртви внатре во Собранието, туку е неправда врз сите граѓанки и граѓани на оваа земја, неправда што допрва ќе го наплаќа својот данок. Повиците на помирување во ниту еден случај не смеат да бидат изедначени со амнестијата и привилегиите кои пратениците-учесници во овој крвав чин ги добија во замена за некаков политички пазар.

Нека овој ден остане запаметен за да служи како опомена на сите идни генерации, да знаат да ја ценат демократијата и слободата и да бидат подготвени секогаш и секаде да ги осудат и да ги спречат говорот на омразата, национализмот и насилството.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English