ЦИВИЛ: Без работнички права, нема човекови права и слободи!

ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита Први Мај на сите работнички и работници на Република Северна Македонија и во светот и ги повикува на солидарност и борба за работничките права.

Состојбата на човековите права и слободи, социјалните права, степенот на сиромаштија, нефункционалноста на синдикатите кои треба да ги штитат работничките права, манипулациите со статистичките податоци, иселувањето, сиромаштијата, несигурноста, условите за работа, заштитата при работното место, здравството, образованието и можностите за доквалификација или преквалификација – се само еден дел од сите неволји со кои се соочува работниот човек, како во нашата, така и во повеќе земји низ светот.

На Меѓународниот ден трудот, уште еднаш, гласно бараме од синдикатите, граѓанските организации, политичките партии и сите што се декларираат дека се борат за социјална правда и работнички права, од денеска тоа да го прават вистински и искрено или да престанат со лагите и опортунизмот. Бизнис заедницата во земјава мора да стане одговорна и да ги почитува работничките права. Иселувањето што доби масовни размери во текот на изминатата деценија е последица токму од социјалните неправди и кршењето на човековите права и слободи, во кои спаѓаат и работничките права.

Во земја во која работникот е со наведната глава пред неправдата, за да си го зачува работното место, залудно се протестира еден ден во годината. А и тогаш, зависно од политичките афилијации, скудните бројки на луѓе што излегуваат да протестен марш за работнички права, го изразуваат својот протест одвоено и со недоволно јасна артикулација, што е последица од влијанието на политички и бизнис кругови во работничкото организирање. Во земја кадешто синдикалните организации, организациите за човекови и работнички права не се сплотени во својата примарна цел, и протестираат еднаш во годината пригодно, а секако и секој за себе, залудно се говори за тие права.

Без работнички права, нема човекови права и слободи!

ЦИВИЛ со години интензивно работи на темите поврзани со социјалната правда и работничките права. За жал, сознанијата од теренот говорат за лоша состојба на работничките права, и покрај големите ветувања на власта. Работниците во Република Северна Македонија се меѓу најслабо платените во Европа. Тие често не примаат ни минимална социјална, здравствена и правна заштита. Дел од работниците работат во ужасни услови, најчесто без основни средства за заштита на работното место. Мобингот сѐ уште е присутен, а законската заштита од него останува недоволно видлива.

Жените работнички се дополнително лошо третирани, често се понижувани и дискриминирани врз основа на нивната родова припадност, а неретки се случаите на сексуално малтретирање, за што сѐ уште не се осмелуваат да проговорат јавно. Самохраните мајки се во уште потешка положба. Во некои фирми платите сѐ уште се исплаќаат во готово, а на некои вработени им се бара дел од платата префрлена на сметка, да вратат во кеш.

Затоа, ЦИВИЛ бара од сите одговорни институции решително да ги заштитат работничките права, а не интересите на бизнисите.

Честит 1 Мај!

 

Print Friendly, PDF & Email