ТРАЈНИ УДАРИ НА МИРОТ, ДЕМОКРАТИЈАТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Со крајна загриженост ги следиме настаните во с. Октиси, струшко, каде што верската нетрпеливост повторно ги подели граѓан(к)ите

Апелираме до секој поединец, жител-ка на ова село, да се воздржат од секакви насилни акти, а разликите во ставовите да ги стават на маса и да ги решат проблемите преку разговор како достоинствени и разумни луѓе и добри соседи.

Собирањето во толпи кои извикуваат пароли на верска омраза и навреди, како и нападот на жената која се прекрстила на улица, како што јавија медиумите – се крајно нецивилизирани и опасни.

Апелираме до политичките структури и властите да работат на надминување на меѓуетничките и меѓурелигиските тензии во интерес на сите граѓан(к)и, без оглед на нивното етничко или верско потекло, што е нивна законска и морална обврска.

Бараме од верските заедници да престанат да се мешаат во политиката и никогаш повеќе да не излегуваат во јавноста со изјави кои сеат омраза и предрасуди меѓу луѓето. Нивното однесување последниве години е непримерно и се коси со основите на религиите кои ги претставуваат.

Веруваме дека овие тензии се последица од погрешните политики и од позиција на интереси на политичарите и верските лидери. Оваа констатација произлегува од фактот дека секогаш кога во државата се случуваат настани или процеси кои ја засегнуваат демократијата и владеењето на правото воопшто (Комисијата за 24 декември, спорот со името, изборни процеси итн.), паралелно со тоа растат меѓуетничките и меѓуверските тензии.

Ваквото дивертирање на вниманието на јавноста од овие проблеми е крајно опасно и ги подрива темелите на општеството и државата, развојот и безбедноста, а им нанесува трајни удари на мирот, демократијата и човековите права.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian