Чадиев: Зелениот пазар ќе биде покриен во 2017!

Градоначалникот на Велес, Славко Чадиев, во изјава за ЦИВИЛ Медиа, вети дека отворениот зелен пазар во близина на автобуската станица во Велес, ќе биде покриен до средината на 2017 година. Според тоа, тврди Чадиев и ова ветување од изборната програма ќе биде реализирано, како што најавил. Со ова, тој ги демантира обвинувањата и критиките на граѓаните дека не го исполнил ветувањето од неговата изборна програма, со која се кандидирал за градоначалник на Велес, во 2013-тата.

Граѓанскиот новинар Дејан Ристов, во денешниот текст на ЦИВИЛ Медиа, „Градоначалникот Чадиев не го исполни ветувањето за покриен зелен пазар со трговски центар!“ ги пренесе реакциите на пазарџиите, тезгаџиите и граѓаните на Велес кои потсетуваат на ова нереализирано ветување на градоначалникот.

„Подготовката и реализацијата за покривање на зелениот пазар во Велес. Бидејќи беа неуспешни двата повика за јавно-приватно партнерство, ниту една фирма не аплицираше, ние оддвоивме почетни средства за изработка на проект што ќе го работи битолска проектантска куќа, којашто аплицираше на тендерот. Во меѓувреме, правиме гео-механички испитувања на целиот тој простор, потребни за издавање дозвола за реализација на проектот. Согласно програмата, постапката ќе биде распишана со новиот буџет. За таа намена ни се предвидени 300.000 евра, а тендерот ќе биде објавен, по усвојување на Програмата за работа за 2017 година. Што значи сé оди во согласност со Програмата и ветувањата дадени од градоначалникот“, ни изјави градоначалникот Чадиев.

Тој истакнува дека по изградбата, објектот за стопанисување, ќе биде предаден на ЈКП „Дервен“. Според најавите, Чадиев вели дека најдоцна до средината на следната година, објектот ќе биде предаден во употреба.

DSC_0899

Пазарот во Велес

Во меѓувреме, и екологистите од Велес, реагираат и апелираат за што поскоро покривање на зелениот пазар, но и за почести контроли од Здравствено-санитарната инспекција, зашто во оваа состојба, пазарот е потенцијален извор на инфекции.

„Отворениот пазар е поголем, па и надворешните влијанија и неприлагодените услови за продавање на храна се поголеми. Не личи на ништо, како отпад е пазарот, прашање е кога се чисти. Но, и овој затворениот пазар, сигурно дека почесто се чисти, а сепак, не ги задоволува нормите. Затоа, и граѓаните сé повеќе се одлучуваат да пазарат во пиљарници, маркети..., отколку на пазар. Но, сепак, овде е поефтино, навика имаат да одат на пазар и најголем дел граѓани го практикуваат пазарењето на овој пазар. Имаше ветувања дека ќе се гради затворен зелен пазар. Имајќи ги предвид опасностите од појава на инфекции, секако дека треба да се преземат мерки за што поголема хигиена и почести контроли на Здравствено-санитарната инспекција, но и од ЈКП 'Дервен'. Неопходна е  и поголема свесност на граѓаните, да се грижат и тие за хигиената на овој простор“, изјави д-р Ненад Коциќ, од еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес.

Велешани го потсетија градоначалникот Чадиев, за досега нереализираниот проект, со посредство на „Граѓанскиот објектив“- проектот што успешно го реализира ЦИВИЛ - Центар за слобода.  ЦИВИЛ Медиа и натаму останува на патот на објективното, професионално, точно, непристрасно и балансирано информирање на јавноста за сите теми кои што го допираат животот на граѓан(к)ите на Македонија, за сите аномалии во општеството и нереализирани проекти кои се дел од изборните ветувања на политичарите.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email