Судири со полицијата на скопските улици

Во извештајот на набљудувачите на Цивил од немирите во Скопје се наведува дека околу 5.000 демонстранти протестираа пред Основниот Суд во Скопје и се судрија со полицијата. Од почетокот на демонстрациите до 15 часот веќе имаше неколкумина повредени.

На почетокот, дел од демонстрантите фрлаа со камења кон судот и полицијата која го обезбедуваше. По 20 минути протестирање демонстрантите се упатија кон Владата, сакајќи таму да го изразат своето незадоволство.

Протести, 04/07/2014Дел од нив бараа оставка од Јанкуловска, а друг дел извикуваше “Алах е голем“. Се извикуваше и „УЧК, УЧК“. Мал дел од луѓето кои протестираа има маици преку своите глави, подготвени за судир со полицијата. Присуството на тешко вооружени и механизирани полициски сили беше масовно.

На раскрсницата кај Стара Чаршија полицијата ги спречи демонстрантите да одат кон Владата. Демонстрантите се обидоа да поминат, а кога беа спречени, почнаа да фрлаaт со камења кон полицијата и кон новинарите. Полицијата одговори со шок бомби и почна да ги растерува демонстрантите. Фрлањето на шок бомби беше интензивно, додека демонстрантите беа потиснати кон Бит Пазар.

Меѓу демонстрантите имаше повредени. Полицијата ги потисна демонстрантите до мостот кај поликлиниката на Бит Пазар. Повлекуваjќи се, демонстрантите ја блокираа улицата кај надвозникот превртувајќи контејнери. На шок бомбите се возвраќаше со камења.

Полицијата беше решителна да го расчисти патот, но демонстрантите не попуштаа. По 15 минутна борба голем број на полициски оклопни транспортери за сузбивање на демонстрации, се упатија кон блокираната улица. Од контејнерите почна да гори оган, а полицијата одговори со водени топови.

Неколку амбулантни возила од местото на настанот имаа проблеми да се пробијат низ сообраќајниот метеж.

Џелал Хоџиќ
Биљана Јордановска
Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email