Стојчески: Вработените во културата се под постојан мобинг, се плашат и од сенки!

Години на културно назадување, без можност за креативно и слободно изразување, проследени со притисоци и мобинг на културните работници, со непочитување на нивните работнички права и медиумска затвореност..., се дел од проблемите кои ги истакна Александар Стојчески, член на раководството на Синдикатот на Македонската Опера и Балет, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.

„Во голема мера ни е скратен медиумскиот простор каде ние би ги изразиле своите проблеми. Во последниве години, чувствуваме голем притисок, на некој начин, чувствуваме задушување, можеме да се изразиме онака, како што ние на моменти мислиме дека треба. Иако ние работиме во институции кои имаат своја уредувачка политика, сепак, многу често се случува да можеме да го покажеме или изразиме она што или ни е наметнато, или е само добро да се слушне, или да се презентира за некого во јавноста... За еден уметник да може да креира или за луѓето кои се вработени во културата, да можат да си ја креираат својата професија и своето работно место, сепак, им треба многу поголема слобода од таа што ние ја имаме во последниве години“, изјави Стојчески за ЦИВИЛ Медиа

ЦИВИЛ Медиа: Колку синдикатот на културните работници може да придонесе во заштита и почитување на работничките права? Дали постои социјална правда?

СТОЈЧЕСКИ: Во изминативе години, најпрвин бевме Синдикат на сценско-музички работници, а потоа, се донесоа обемните измени на Законот на култура во 2014 година, во оној, пакет на 147 закони во еден ден, по брза постапка. Тоа беа навистина обемни измени. По тој момент, некако ни се скрати можноста да ја постигнеме социјалната правда, да ги браниме нашите вработени, бидејќи законите сами по себе, како Законот за работни односи, Законот за култура, во најбитните точки се судираат еден со друг и се контрадикторни. Во голема мера ни е скратено правото. Ние комуницираме и контактираме со многу правници и адвокати и овие стручни лица велат дека ова не може никој да го протолкува како што треба, затоа што законите се во судир. Правото и можноста да ги одбраниме нашите луѓе е навистина, сведено на минимум. Така што, и во тој дел чувствуваме притисок. Има луѓе кои што се членови на нашиот синдикат, и ќе речат: па добро, вие како синдикат, не можете да не заштитите. Потоа, ние мора секому поединечно, или по групи, да им објаснуваме, да им го покажуваме законот, да им го толкуваме..., и тоа се навистина огромни проблеми. Ние не можеме да си ја завршиме нашата работа, како синдикат во целост.

ЦИВИЛ Медиа: Каков е третманот на уметниците? Колку се тие подложни на злоупотреби? Колку се злоупотребува нивното право во политички контекст? Што се се ветува и колку од тоа се остварува?

СТОЈЧЕСКИ: Од она што го гледаме по медиумите, од она што го гледаме на терен, сфаќаме дека одредени институции, мислам на градбите, се така изградени... Не би навлегувал сега, во нивниот квалитет, зборувам од професионален аспект, уметниците и луѓето кои работат во културата, имаат чувство дека сé она што е направено, или огромен дел од тоа што е направено, се прави само поради лична реклама, за да може некој друг од страна - тоа да го види. Меѓутоа, нашите права и нашите услови за работа се на многу лошо ниво! Условите во кои ние работиме, просториите, салите, инвентарот во многу институции, се многу лоши. Сеедно дали се работи за конзерваторски центри, за локалитетот Стоби, или каде и да се луѓето на терен, скратени им се теренските дневници, со антикризни мерки кои што секоја година се донесуваат... Еве, јас конкретно, како дел од Македонската Опера и Балет, како уметник кој работи во таа институција, често патувам низ градовите во Македонија, и за тоа ништо не ни е платено. На времето, тоа беше сосема нормално и за таа тема воопшто не се дискутираше. Сега, проблем е дури и кога дискутирате за тоа. И ние, веќе насекаде го чувствуваме тој притисок. Навистина е убиствено за еден уметник и за човек што работи во културата, да му забраните да комуницира, да му забраните да побара услови во кои што ќе може да ја искаже својата креација. И културата и уметноста се тоа што се, само заради тоа што комуницираат со публиката. Доколку не комуницираат, нема да постои ниту култура, ниту уметност.

ЦИВИЛ Медиа: Што треба да направат институциите, синдикатите и колку граѓанското општество може да придонесе за да се направат некои промени во иднина?

СТОЈЧЕСКИ: Граѓанското општество може да придонесе најмногу. Во последниве неколку години, особено откако се донесени овие обемни измени на Законот за култура, кои се навистина рестриктивни (треба да се плашите само од казни, само од деградации и од ред други работи), на многу наши директори им е ускратено правото да направат нешто повеќе за нас. На крајот, сé се сведува на кревање раменици и објаснување дека таков е законот, „ние мораме да направиме таква систематизација, бидејќи ако не го направиме тоа, нашата институција ќе биде казнета“. И самите директори често се немоќни да се справат со тоа. Не ги оправдувам, затоа што, на крајот на краиштата, секој има право да си даде оставка. Но, сметам дека граѓанскиот сектор може да направи најмногу. Ние, како синдикат, направивме неколку протести пред Министерството за култура, имавме безброј состаноци со ресорната министерка, но ни состаноците, ни протестите не вродија со плод. Комуникацијата со нас не дека е сведена на минимум, туку воопшто, ја нема. Токму од „нашата“ министерка ни беше сугерирано да бидеме „окрупнети“ како синдикат, за да можеме паралелно да преговараме со СОНК. Значи, да преговараме заедно со СОНК и да бидеме некаков фактор во донесувањето на законските решенија. Ние рековме - во ред, но кога почнавме да го зголемуваме бројот, кога почнаа да доаѓаат многу синдикални организации, да се отцепуваат од СОНК и да се приклонуваат кон нашиот Синдикат, т.е. да поднесуваат барања, во тој момент, започна и најголемиот притисок од Министерството за труд и социјала, каде што нашите документи беа заборавани, беа оставани во фиоки, криени, и синдикати кои сакаа да се приклучат кон нас, не можеа воопшто да се приклучат. Тоа траеше околу 10-11 месеци. Законот стриктно нагласува дека тоа треба да се случи во рок од 30 дена, а ние не можевме ни во рок од 11 месеци да го направиме... Потоа, имаше директори на институции кои ги собираа своите вработени на состаноци, каде им беше кажувано на вработените да се приклучат кон СОНК. Значи, замислете, директор ги врбува своите вработени да се приклучат во одреден синдикат?! Тоа го нема никаде! Беа испраќани пораки до вработените во одредени институции. Пораките беа препраќани до нас, да видиме како нивните раководители се однесуваат и што прават. Тоа беше еден вид притисок и мобинг, а на крајот не можете да го изразите своето незадоволство. Затоа што, ако сакате да организирате штрајк, денвниците ви се укинати, немате никакви права, ќе има бркање од работа...

ЦИВИЛ Медиа: Има ли надеж дека нешто ќе се промени во следниот период?

СТОЈЧЕСКИ: Па, како не! Има шанси да се промени, но она што јас лично можам да го видам е дека луѓето се плашат од сенки! Ништо не е толку страшно, ништо не е толку опасно, нормално, особено, компетентните луѓе немаат од што да стравуваат... На крајот на краиштата, можеби правдата е бавна, но таа ќе дојде. Нема од што да се плашат! Ако треба нека излезат на протест, нека ги изразат своите ставови во интервјуа, нека ги изразат своите ставови пред своите институции, пред своите раководители... Ништо од тоа не е страшно, ништо нема да се случи! Еве, ние сме, исто така, дел од сите луѓе во општеството, кои што излегуваме и ги соопштуваме нашите ставови. Не е дека нема притисоци врз нас, но сето тоа може да се издржи.  Ако сме заедно, ако сме помногубројни, нашиот глас не може да биде игнориран до таа мера! Јас само би ги охрабрил нашите луѓе да комуницираат. Ние, како уметници, сме задолжени да комуницираме со публиката и ќе го правиме тоа до крај. Ако не сум јас, ќе биде некој друг на мое место. Но, не можете да му го скратите правото никому - да комуницира. Човекот единствено самиот, може да си го ограничи тоа право и да си го згазне својот личен интегритет!

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email