Стоп за неказнетите злосторства против новинарите

“Девет од десет убиства на новинари никогаш не се решаваат“ изјави Дуња Мијатовиќ, претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, по повод 2 Ноември, Меѓународниот ден на запирање на неказнетите злосторства против новинарите.

Murders of jurnalists“Овие бројки покажуваат дека ние никогаш не смееме да се откажеме и да потклекнеме во борбата за безбедноста на новинарите и за слободата на медиумите“ беше децидна Мијатовиќ. Таа им порача на сите земји-членки на ОБСЕ да спроведуваат темелни истраги за нападите врз новинарите и да се гонат сите злосторници.

“За да се прекине кругот на неказнување, сите напади врз новинарите морат да бидат истражени темелно и брзо; не смее да има ниту еден исклучок од ова правило“, изјави Мијатовиќ.

Меѓу новинарите-жртви во земјите-членки на ОБСЕ, чии убијци или налогодовачи сé уште се непознати или се во бегство, се и Славко Ќурувија (1999), Георгу Гонгадзе (2000), Марин О’Хеган (2001), Милан Пантиќ (2001), Вероника Черкасова (2004), Душко Јовановиќ (2004), Паул Клебников (2004), Елмар Хусеинов (2005), Ана Политковскаја (2006), Алишер Саипов (2007), Хрант Динк (2007), Наталија Естемирова (2009), Хаџимурат Хамалов (2011), и Ахмеднаби Ахмеднабиев (2013).

Според Мијатовиќ, “ако новинарите не се безбедни и слободни да пишуваат и да истражуваат стории, слободата на изразувањето и слободните медиуми се под ризик“.

По повод Меѓународниот ден за запирање на неказнетите злосторства против новинарите, Мијатовиќ изјави и дека е “повеќе од јасно оти политичката волја за конфронтација со неказнувањето во земјите каде ОБСЕ е присутна - е мала, а во некои случаеви, и не постои. Некои земји-учеснички треба да ги претворат зборовите во дела и во конкретни акции.“

Print Friendly, PDF & Email