Стоп на злосторствата против човештвото

Меѓународниот ден за поддршка на жртвите на тортура, 26 јуни, секоја година претставува мачен потсетник за сè поголемиот број жртви на сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување, но истовремено повикува на солидарност и поддршка на сите кои поминале низ процесот на мачење и негирање на човечкото достоинство.

ЦИВИЛ - Центар за слобода остро го осудува секој обид на брутално газење на човечковите права и слободи, негирањето на човековото достоинство и физичкото насилство. Македонија не е лишена од тортура, а според последните наоди, условите во затворите се алармантна состојба за која институциите мора итно да реагираат, особено по зголемениот број смртни случаи. Политички затвореници, претепани новинари, злоупотреба и насилство врз децата, говорот на омраза, се само еден мал дел од низата насилства во земјата кои ЦИВИЛ ги нотира во изминатата минатата година.

Повикуваме за што поскора реакција на належните институции за преземање на одговорност и решавање на секој еден случај на погазување на човековите права и слободи. Истовремено аплеираме на поголема вклученост на инстиуциите во имплементирање на мерки за спречување на насилствата.

Тортурата е кривично дело според меѓународното право, што ги обврзува сите членови на меѓународната заедница, без разлика дали некоја држава ги ратификувала меѓународните договори, да се борат против систематското практикување на тортурата, односно злосторството против човештвото.

Токму, војните, бегалските миграции, со тоа затворање на границите, како национална безбедносна мерка, оставаат простор за ширење на нехуманост и нечовечки третман, овозможувајќи тортурата и насилството да се вкоренат како пракса.

Амнести Инернашнл пред повеќе од 30 години започна кампања против тортурата #StopTorture, за поддршка на жртвите од целиот свет и подигање на јавната свест за сериозноста од последиците, не само на жртвите, туку и на цели генерации поведени од идејата дека насилството е начин за остварување на одредена цел.

Оваа година OHCHR (Канцеларијата на ОН за човекови права), заедно со Меѓународната адвокатска комора, организира панел дискусија на високо ниво на Кралскиот колеџ во Лондон, со цел утврдување на апсолутната забрана на тортура, а ќе ја предводи Високиот комесар за човекови права, Зеид Раад Ал Хусеин.

На 12 декември 1997 година, со резолуција 52/149, Генералното собрание на ОН го прогласи 26 јуни Меѓународниот ден на Обединетите нации за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или деградирачко постапување или казнување.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да не молчат, да бидат храбри и одлучни во барањето одговорност од институциите не само како жртви на бруталноста и нехуманост, туку и како сведоци на тортурата и насилството.

Крајно време е да бидеме гласни во борбата за човековите права и слободи.

Крајно време е да се каже НЕ на тортурата и насилството!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish