„Симни се Началниче, да видиме кој лаже!“

Стотина граѓани, главно етнички Tурци, денеска во 12 часот протестираа пред Владата на Република Македонија, а потоа, се упатија на протест и пред ТВ Сител, поради навредата која им ја нанесе главниот уредник на оваа телевизија, Драган Павловиќ Латас, кој во интервјуто со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, меѓу другите навреди, во еден момент, рече: „Лажеш како Турчин!“.

Пред ТВ Сител демонстрантите, меѓу кои имаше и припадници и на други етнички заедници, скандираа: „Латас, излези да се извиниш!“, „Телевизија е или обложувалница?“, „Срам да ви е!“, „Ајде да се кладиме“, „Симни се Началниче, да видиме кој лаже!“, „Оставка!“...

Во знак на револт учесниците на протестот ги закачија знамињата врз паркиран џип, за кој сметаа дека е во сопственост на уредникот Павловиќ. Додека траеше протестот пред ТВ Сител, имаше полициско обезбедување.

Актерот Фирдаус Неби, истакна дека е револтиран од изјавата на Латас дека турците лажат.

„Сакајќи да навреди еден човек, тој без да размисли, ја навреди целата турска нација. Затоа сум овде да го искажам својот револт, и да потсетам дека Турците се најголеми пријатели и инвеститори на Македонија“, изјави Неби.

На протестот пред ТВ Сител беше и Ердоган Сарач, претседателот на партијата Движење за национално единство на Турците и побара и одговорност од Латас, а не само извинување

„Следуваше јавно извинување на новинарот кон Турците во Македонија и Република Турција, но искажуваме сомнеж дека тоа извинување не е личен став на новинарот, туку тоа е направено под притисок на други центри на моќ во државата. Денеска, како критична маса сме тука да кажеме дека тој, во никој случај не може да биде предмет на нашата опсервација, но поради заднината затскриена зад него, сме загрижени за Република Македонија... Исто така, бараме да се огради и ВМРО-ДПМНЕ од него, како нивен трубач. Доколку тоа не дојде, тогаш отворено ќе кажеме дека оваа Влада ја поместува оската и се простува од евроатланската интеграција“, изјави Сарач Тој побара и да реагират од Демократска партија на Турците, која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и да побараат одговорност за навредата.

И инцијаторите на спонтаниот протест, во повикот на социјалните мрежи беа децидни дека бараат сите партии со предзнак – турски, во името на партијата, да је прекинат соработката и коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ.

А пратеникот Енес Ибрахим, од Партијата за движење на Турците во Македонија (ПДТ), најави дека ќе ги тужи Павловиќ и ТВ Сител.

„Никакви изнудени извинувања, не можат да ја покријат дамката која ја извалка честа на сите Турци, посебно на нас, кои живееме во Република Македонија. Затоа, јавно соопштувам дека денес, поднесувам тужба против Латас и ТВ Сител, за говорот на омраза и навреда на турскиот народ. Воедно, ја повикувам и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, да излезе со осуда и реакција на оваа фашистичка изјава на гласноговорникот на оваа власт“, рече Ибрахим.

Print Friendly, PDF & Email