Се плашев да родам дете...

Иако бев дете на самохрана мајка, израснав во зрела личност и мислев дека нема да дозволам мене да ме снајде судбината на мајка ми. Сигурна бев дека мене нема да ме снајде истото! Долго бев убедена дека нема да дозволам и втората половина од живеачката, да ја минам во немаштијата од детството.

muaZsOmИмав маж кого го сакав, ама се плашев да родам деца. Голема одговорност е, трошоците се големи, а јас, како дете на самохрана мајка, секогаш бев лишена од многу работи кои ги посакував. Мајка ми не можеше да не дохрани со минималната плата што ја земаше како сметководител. Плаќавме кирии, трошоци за мојот факултет, кредити, сметки... За најскромното јадење, беше она што ќе останеше. И тоа беше сé, освен кога мама ќе најдеше некоја приватна работа плус, па ќе ставевеме некој денар „за црни денови“, и тие пари не ги чепкавме. Па, ќе дојдеше распуст, и мама ќе пуштеше душа, за и јас да отидам со друштво до Охрид, тие три-четири пати.  Јас на одмор со нив, а мајка ми среќна-пресреќна што стискала, што не купила што ни требало, што вечно штедела...

Имав трауми од тоа дека нема да успеам да ги задоволувам потребите на моите деца и се плашев да ги имам. Маж ми сакаше деца со мене, јас - не. Маж ми инсистираше да имаме деца, јас се противев. Маж ми еден ден ме седна и ми ги изнесе на маса сите факти, ми ги посочи позитивните страни и безбедноста која ја имаме и за која тој секогаш ќе се залага. Ме јадеше јанѕа, и сите негови зборови ми се вртеа непрекидно в глава... Имавме добри примања од странските фирми каде работевме, имавме нешто пари на страна, се сакавме, имавме каде да живееме... „Ајде, да имаме дете“, решив во една непроспиена ноќ.

Е, со таа одлука почна хоророт во мојот живот. Сега сакав дете, ама не можев да го имам. Доктори, ин витро, хормони, деловни патувања, семејни испрашувања, психотерапии, инјекции, лекови... Се изгубивме со маж ми во сето тоа. И љубовта почна да исчезнува. Станав нервозна, се здебелив, станав неспособна, станав виновна што имав траума од детството, станав неплодна земја... И, мажот ме остави.

Сега, веќе не сакам дете, сега сум дете на мајка ми, самохраната, што ме роди ваква неплодна и што ме раснеше, без да помисли на својот живот. Мајка ми и денес е со мене кога ми е тешко. Мајка ми и денес штеди. Штеди на сé и сешто, штеди на храна, штеди на вода, ме опоменува кога ќе забрзaм со штиклите - да не ги оштетам, штеди на батеријата на мобилниот…, дури и осветлувањето на екранот секогаш и е на минимум, иако едвај чита кој и ѕвони. Мајка ми доволно заштеди, за и кога ќе умре, да имам да ја закопам, иако знае дека доволно заработувам. Мајка ми сé уште сака да ме штеди, да ме поштеди од нови трауми.

Во земја како нашава, за жал, залудно.

Print Friendly, PDF & Email