Онлајн битка со големиот, лош, сајбер волк

И дојде Денот Д, денот за којшто се подготвувавме со месеци, можеби и со години наназад, денот на изборите. Предвремени, кои како наговестување за промени ги очекувавме со полни срца, со надеж за иднината на оваа држава.Денот го започнавме изнемоштени, поради долгите месеци работа кои не доведоа дотука, со сите навреди, пцости, па и чести закани кои ги читавме по социјалните мрежи, секојдневно... Никој од моите колеги, па ни јас, никој не е поштеден од проклетството на национализмот, злото, кое за среќа, досега, сепак, не успеало да ги надвладее разумните луѓе во оваа земја.

14517592_1958194594407483_6466728194135700368_n

Пишува: Ермин Климента, систем-администратор на ЦИВИЛ

Видете вака, да се биде систем-администратор не е воопшто лесна работа, ниту тој стрес го препорачувам за било кој млад човек. Само луѓето кои се во слична ситуација, го разбираат ова во целост... Една многу важна работа која мора да ја напоменам е самотијата, таа е вистинскиот противник секому во ова, мое поле на професионален интерес. Секој има колеги, но тоа не значи тоа дека  тие и го разбираат тоа што го правите. Но, и тоа е сосема во ред.

ЦИВИЛ е мета на жестоки сајбер напади со месеци наназад. Како изгледа тоа?

DDoS напади се форма на напад врз серверска инфраструктура, вообичаено, тоа се таргетирани напади врз сервери на „непријатели“. Луѓе кои имаат само една цел, да спречат голем број од читатели да не стигнат до содржината која ја бараат и да предизвикаат неволји за администраторите.

Нападите врз сајтот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, константно се зголемуваа, се до рекордните 18GB – напад, во неделата, најголем напад досега во еден ден. Иако сме навикнати на вакви обиди да нé замолчат, сепак, имавме краток период од 10-15 секунди, кога сајтот беше недостапен за македонската јавност.

Вообичаените напади месечно трпат околу 200GB, но овој месец, од 1-ви до 10-ти декември, имавме над 186GB тотално во напади - за само 10 дена! Ова е како да замените багер кој копа една дупка, со еден тон динамит за истата дупка.

Единствено што можам дефинитивно да заклучам е дека никој намерно не би наштетил со толкава моќ на една инфраструктура како ЦИВИЛ. Ние сме му трн во двете очи некому, кој очигледно убаво плаќа по 300-500 евра дневно (!), за закуп на сервер што ги врши овие напади.

Нивните бедни обиди за криење зад маските кои ги користат (pun intended) се несомнено од руски IP адреси кои се навистина лесни за откривање, еднаш откако ќе се постават основните протоколи за безбедност на обична веб страница. Нивната упорност и секако, економскиот бенефит за нив од оваа страна (без сомнеж) ги остава во attack mode позиција константно, но и нас нé направи помудри, поитри и далеку поупорни.

Поради технички причини, не би можел да навлегувам повеќе во детали, но и заради безбедноста на сајтовите кои ги одржувам. Она што јавноста, читателите и посетителите, секако треба да го знаат е дека еден човек кој е одговорен за инфраструктурата, ја има одговорноста за онлајн постоењето на медиумот. Тој треба да овозможи непречен проток на информации, особено во критични моменти. Сé пред и потоа, се подготовки за големиот натпревар.

Единствено што никогаш нема да го дозволиме како ЦИВИЛ - Центар за слобода е да потпаднеме под влијание, под искушение за полесниот начин за ненавремено и необјективно информирање. Наша задача, и покрај сите напади на „лошиот сајбер волк“, секогаш е доставување навремени и веродостојни информации до граѓанките и граѓаните на оваа преубава, но измачена држава.

Print Friendly, PDF & Email