Полицијата нехумано се однесува со корисниците на дрога

Полицијата во Македонија лошо, насилнички и дискриминаторски се однесува со корисниците на дрога, покажа истражувањето „Прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дрога при контакт со полицијата во Република Македонија“, што во последните две години го спроведе Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници. Истражувањето е спроведено преку фокус-групи во 11 општини, и во него беа опфатени 80 корисници, чии сведоштва се застапени во денес презентираната публикација.

Жарко Трајановски од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, рече дека дел од корисниците изјавиле оти полицајците вообичаено им ги претресуваат и интимните делови од телото и тоа без судска наредба.

„Не избираат ни место, ниту пред кого го прават тоа. Како ѕверови се. Те соблекуваат до гола кожа. Дали среде улица, или среде плоштад, пред пријатели и случајни минувачи... Или дома пред родителите, сеедно им е. Не срамат пред луѓето, ама тоа е тоа. Немоќни сме да сториме што било. Дури и на свадба да те видат, ќе те слечат пред сватовите“, изјавил еден од корисниците, чија изјава е забележена во публикацијата „Прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дрога при контакт со полицијата во Република Македонија“

Меѓу цитатите од лицата кои употребуваат дрога се и изјавите дека „машки (полицајци – н.з) претресуваат девојки“ и дека „претреси се прават без налози, тоа и не е некоја тајна. Кого и да прашате од зависниците, ќе ви каже дека барем еднаш му се тутнале в куќа без документ за претрес“.

„Дел од корисниците на дроги велат дека биле физички малтретирани и тепани од полициски службеници, посебно од полициската единица ‘Алфа’. Некои се жалеа дека биле жртви на закани за убиство од полициски службеници“, рече Трајановски.

Дел од интервјуираните во истражувањето изјавиле и дека полицајците им се заканувале: „Ќе те претепаме и ќе те фрлиме од (непознат мост), знаеш дека на наркомани не им прават аутопсија“. Или: „Ќе те истепаат, и си прават муабет, чекаат сам да бегаш“.

Професорката Стојанка Мирчевска, на промоцијата на публикацијата рече дека во време кога граѓаните немаат пари, има раст на парични казни на корисниците на дрога. Таа истакна дека корисниците треба да имаат поголема судска заштита.

DSCN4754И дел од корисниците во истражувањето изјавиле дека полицијата не ги тепа, туку парично ги казнува. „Нема тепање како порано. Пред десетина години - лом не правеа. За да не ни ги гледаат раните, не удираа по табани. Не можевме со денови да застанеме на нозе. Сега, не не тепаат по нозе, ниту по грб, ама не удираат по паричникот. Нема некој што не платил парични казни. Или, за да „наместиш“ некого, те држат во полиција додека не паднеш во криза. А не ти даваат ништо за смирување. Да не знае човек што е полошо.“

Во истражувањето корисниците укажале и на полициската практика на прекршочно казнување за „оддавање на уживање на наркотични дроги“, без да бидат фатени на јавно место како уживаат дрога, единствено врз основа на резултатите од урина-тест. „Не викаат во полициска станица и не држат со саати. Ни викаат: ‘Ако сакаш да си одиш, ене ти ја чашката и измочај се!’ И, ете ти после казна. Плаќаме по 300 евра. Јас досега имам платено пет-шест пати“.

Дел од корисниците изјавиле дека често не им била укажувана медицинска помош. Некогаш дури им метадонската терапија им била одземана од полициските службеници, без никакво обрзложение.

„Не чекаат горе кај Болницата. На стотина метри од неа. Не запираат, не претресуваат и ни го земаат метадонот“, е сведочењето на еден од корисниците. „Не запираат близу метадонскиот центар, не претресуваат и ни го земаат метадонот. Никој не смее ‘а’ да им каже“, вели друг корисник. „Упаѓаат и каде што се дели терапија. Пред 5-6 месеци влегоа во Метадонскиот центар. Го фатија едно момче и го скршија од ќотек. Ден-два пред тоа, не им застанал кога сакале да го запрат. Тука го начекаа и го сомлеа“, вели трет.

Лицата кои употребуваат дрога ја обвинуиваат и Службата за итна помош „Полицијата ја контролира Брзата помош. Брзата помош дава белешки дека си се повредил во пад, не дека те тепал полицаец“. Или: „Нема шанса да кризираш и да ти викнат Брза помош и да ти дадат ‘метадон’. Тоа се нема случено“.

Влатко Деков од невладината организација Опции за здрав живот, Скопје - ХОПС, рече дека самите корисници не формираат некое здружение или невладина организација за да си ги бранат своите човекови права, затоа што се плашат од полицијата.

Ива Михајловска од канцеларијата на Народниот правобранител, рече дека немаат многу пријави од корисниците на дрога, но напомена дека се отворени за соработка и ги повика таквите лица доколку се жртви на полициска тортура, да пријават кај омбудсманот.

Жарко Трајановски, испрати препораки до МВР дека полицајците треба да имаат посебна обука за да знаат како да се однесуваат кога ќе бидат во контакт со корисници на дрога. Негов став е дека МВР, во соработка со Министерството за здравство, треба да изготви едукативна брошура во која ќе се објасни дека полицијата не смее да им го ускрати на корисниците правото на користење метадонска терапија, со тоа што ќе им ја одзеде или истури или правото на лекарски преглед. Тој препорачува полицајците да имаат и обука и за излегување во пресрет и за помош на жртвите од предрозирање.

Истражувањето „Прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дрога при контакт со полицијата во Република Македонија“, го спроведе  Трајановски од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, а му помагаа граѓанската активистка Драгана Дрндаровска и новинарот Томислав Кежаровски.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian