Орданоски: Последна фаза од владеењето на Груевски

Д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар, на експертска панел-дискусија на тема „Плурализмот и политичката криза“ на 17 март 2016 г. во првиот дел од дискусијата говори за концептот на, како што вели, „теориската бесмислица за суверена демократија“, измислена и практикувана во путиновска Русија и копирана во Македонија. 

Настанот е дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=l7iqlDQHuAg[/youtube]

„Во средината на деведесеттите, отидов кај господинот Киро Глигоров, за да подготвуваме интервју за неговиот телевизиски настап како претседателски кандидат, исто како што се случи и со господинот Љубиша Георгиевски. Му велам, господине претседател, јас би сакал да го отворам разговорот вака и вака, а тој ми вели, господине Орданоски, прашајте тоа што сакате, јас ќе ви одговорам сé, јас како што сакам да ви кажам. Така што, убаво е ова со медиумите, но јас ќе направам еден друг вовед. И благодарам, не само за адекватниот, туку и за инспиративниот говор на госпоѓата германска амбасадорка, и на колешката Сандра Гавриловска, и би сакал да константирам дека Македонија влегува во последна фаза на нешто што се нарекува модел на суверена демократија, којшто власта, Никола Груевски и неговата партија, се обидуваат 10 години да го инсталираат во Македонија.

Оваа теоретска бесмислица, ‘суверена демократија’ е доктрина која е измислена пред 10 години во Русија, за да се оправда начинот на владеење на Путин. Таа подразбира дека демократијата е сведена на едно многу елементарно и антиквитетно толкување - како власт на мнозинство, а мнозинството се изедначува со народот. Ја гледаме таа голема врска, со тоа што Груевски месеци наназад го говори. Народот, односно, тие што него го претставуваат, ерго Груевски, е тој кој што ќе ја толкува демократијата, бидејќи во тој модел на демократија не постојат стандарди, меѓународни, за тоа што треба да е демократија, односно, сите стандарди ад хок се смислуваат од тој што е на власт. Тоа се прави со различни методи, надгласување, менување на сите независни тела, партиски, извршни органи, наметнување врз сé што значи независно, критичко размислување во државата.

Тоа понекогаш добива насилна димензија, ако треба да се истераат со специјална полиција - пратениците се истеруваат, тоа понекогаш значи кршење на еклатантни, не само законски, туку и уставни одредби, на што сме и сведоци деновие... И, тоа во суштина е модел на еднопартиско демократско владеење. Постои една партија која ги толкува законите. Тоа  всушност, е антимодерен, антизападен модел на владеење, и тие гледаме како, доаѓаат до врвот на тој бесмислен теоретски модел што се претвори во доктрина на авторитарните држави, кои денес сé повеќе ги има во светот. Тој модел подразбира дека наративот мора да биде високо контролиран. Тоа значи дека не може да се дозволи медиумите да бидат слободни. Бидејќи тоа е суштината на наметнувањето на една партија врз цело општество, на целосното партизирање.

Понатаму, тој модел, се разбира, во своите деструктивни фази, влегува во тотална корупција и злоупотреба на милионски суми, кај нас се работи за стотици милиони. Бидејќи во суштина, на врвот на таа елита која владее, стои една мафијашка структура која ги цеди соковите на државата, потпрена врз својата партија која е комплетно клиентелистички интегрирана во општеството. Во таков модел на владеење, нема слободни медиуми. Тоа што се случува кај нас - е токму тоа. Партијата која е на власт, една единствена, за момент заборавете дека има албански коалициони партии, оти тоа е истото, само што е двоглав орел, двоглав лав ако сакате, тоа сепак, на крајот е една партиска структура која владее и таа не може да трпи никакво критично разгледување на тоа што го прават. Ниту како последица, ниту како подготовка во владеењето. Затоа во Македонија, слободата на медиумите е суштината на прекршувањето на она што се нарекува либерална демократија, тоа е недостатокот на дебата за што предупреди и германската амбасадорка, што кај нас трае со години. Груевски не излегол на дебата со години, тоа е нешто што е потполно несфатливо во било која демократска земја. Груевски и денес не се поврзува со ниту една негативна вест во јавноста, тој е само тука да отвора чешми и огради, да фрла темели на фиктивни странски инвестиции.

Сите лоши вести, кршење на законите, сите злоупотреби, за тоа се други задолжени... Од претседателот Ѓорге Иванов, кој ќе направи вовед на антизападни, антимигрантски теми, како што тоа го воведуваат на голема врата, до потреба да се, замислете, аболира криминал направен по повод избори во една демократија. Значи, либералната демократија претставува модел, кај што се владее со избор на претставници, каде луѓето се претставени во власта по пат на избори. Ако вие го аболирате криминалот кој се прави на тие избори, вие практично го уништувате демократскиот модел со кој треба да се владее. Тука доаѓаме до оваа суверена демократија на Путин, во која што, нема проблем ако сакате избори ќе правиме секоја втора  недела, оти тие се строго контролирана работа. Ние сега тоа го гледаме, значи, преку изборните списоци, состојбата во медиумите, преку оваа криминална организација која раководи и раководела со Македонија со години. Затоа контролата на медиумите е нешто што не смее да се испушти.

Инаку, на ВМРО-ДПМНЕ не му е проблем да се договори за некакви промени кои треба да се случат наредните два месеца, ако сакаат да има избори на 5-ти јуни во однос на медиумите. Проблемот е што не смее да се испрати ни сигнал, ни мала тронка на подготвеност да се разговара на таа тема. Ние сме свесни дека што и да се направи, за два месеца е тешко да се смени расположението во јавноста и ние да доживееме процут на демократска јавност, во која ќе дојде до дебати, соочување на ставови... Мора јасно да се стави до знаење дека тоа не поминува ни во најформална смисла, затоа тие не се согласуваат на никаква дискусија околу демократизација на условите во кои работат медиумите“.

Print Friendly, PDF & Email