Охрид SOS: Итно да прекинат градбите во заштитената зона на Езерото!

Охридски активисти од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“, бараат Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Инспекцискиот совет на РМ итно да извршат надзор и да ја стопираат изградбата на хотелот во Лагадин, во заштитниот појас на Охридско езеро, спротивно на законските регулативи.

Правниот тим на „Охрид ЅОЅ“ веќе поднел претставки и очекуваат неодложна интервенција на надлежните,со цел заштита на Охридското езеро и доследна примена на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство. Обвинуваат дека Општина Охрид незаконски издала одобрение за изградба на хотелот во заштитената зона, но и врз локација каде што не се решени имотно-правните односи. Од друга страна, сметаат дека иако се работи за хотел со мал капацитет, неговото ставање во функција ќе значи дополнително загадување на езерските води, во средина каде што колекторскиот систем е дисфункционален, па фекалиите се излеваат во езерото.

images

„Изградбата на овој хотел е одобрена во заштитниот појас на езерото, односно на растојание помало од 50 метри од брегот, каде што според Законот за води е забранета градба или реконструкција на објекти од траен карактер. Дали Министерството за животна средина дало зелено светло за градба во заштитениот појас, кога истото даваше негативно мислење за бесправно изградените објекти, коишто се легализираа во 2015 година?“, реагираат од Охрид SOS,

Посочуваат дека градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во седиштето на УНЕСКО во Париз, лично барал помош за решавање на проблемот со дисфункционалниот колекторски систем на Лагадин.

„Поради континуираното работење на Општина Охрид спротивно на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, што резултираше со одлуката од 40-та седница на УНЕСКО во Истанбул, бараме ДИЖС да постапи во согласност со член 41 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и да ја одземе надлежноста за управување со светското наследство во охридскиот регион од Општина Охрид“, бараат активистите од охридската граѓанската иницијатива.

Тие паралелно ја повикуваат и Општина Охрид, да ги прекине градежните активности, додека не се разрешат спорните прашања, да овозможи увид во документацијата и процес на јавна консултација.

„Наместо непотребно да се конфронтира со граѓаните и да демонстрира однос на авторитаристички сопственик на нивните права, ја повикуваме Општина Охрид да се стави во фунција на заштита на интересите на сите, па и на идните генерации, да стане предводник во заштитата на Езерото и светски пример за тоа како се управува и негува ова бесценето природно богатство“, стои во писмената реакција на Охрид SOS, адресирана до ЦИВИЛ.

Print Friendly, PDF & Email