Нови случаи на тешки партиски злоупотреби, притисоци и мобинг

Б.Л. е вработена во јавна установа. Таа речиси 25 години вредно работи, грижејќи се за здравјето на штитениците во јавната установа во општината. Но, по заострувањето на политичката криза и именувањето на нов раководител, таа и други колешки се изложени на притисоци и мобинг.

Таа, како и другите кои се наоѓаат во иста ситуација, стравуваат јавно да проговорат за своите проблеми. Б.Л. веќе била казнета со скратување на платата, но ако проговори, се плаши дека ќе добие отказ.

Според сведочењата на Г.И. од истата установа, условите за работа се неподносливи, меѓу другото и затоа што установата е претворена во партиски штаб.

„Среде работно време, половина од персоналот, партиски членови и  активисти, одржуваат состаноци и се договараат кои чекори натаму треба да ги преземат во полза на партијата. Така беше пред да се одржи Годишната конференција на Унијата на жени, исто така, и во периодот кога се правеа списоци со сигурни гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно, установата сега функционира како партиски штаб“, вели Г.И.

„Не се издржува веќе. Иако има вработен стражар во домот, од почетокот на годинава, ние дежураме сами ноќе. Како може една жена да се справи сама во ноќта, со над 100 штитеници од кои еден дел имаат и дијагнози за душевни болести? Во една прилика бев и нападната од штитеник со таква дијагноза. А, кога со возило на домот го однесовме во невропсихијатриска болница, таа ме обвини дека сум ја оштетила установата, односно дека приходите ќе се намалеле за 200 евра месечно“, сведочи Б.Л.

Б.Л. е мајка на 5 деца и вели дека сите проблеми и трауми со кои се соочува и се рефлектираат на семејниот живот. Се обидувале со сопругот многу пати да најдат решение, затоа што таа има решение и за делумен инвалидитет, по преживеана тешка сообраќајна несреќа. Но, иако има забрана да крева тежина, всушност, секој ден, како што тврди е изложена на ваков напор, бидејќи мора да ги бања штитениците, а некои се и тешко подвижни.

„Решението што го добив од Комисијата, не го земаше предвид ниту претходниот, ниту овој директор. Не ми се признава ниту дипломата за високо образование. Освен тоа, при секој обид да го искажам своето незадоволство, директорот одбива да ме ислуша“, додава Б.Л.

Втората соговорничка, Г.И., реагира и затоа што директорот, како што вели, им ја нарушува приватноста и ги навредува, им ги проверува шкафовите.

„Еден ден дојде и ми нареди да го отворам шкафот и сé ми исфрли, за да провери дали нешто сме краделе од домот. Постојат други начини за контрола, ако тој се сомнева во кражба, а не да го прави ова“, вели Г.И.

workers rights

Таа тврди и дека директорот, во еден период, службеното возило го употребувала за приватни цели.

„Како може службени автомобили да се користат така? По работно време, заминуваше дома, го паркираше пред зграда, а наутро, со истото возило доаѓаше на работа. Е, ајде сите да ги земеме возилата и да се развозуваме до дома и назад. А, кога ги носиме штитениците во болница за преглед, одиме со такси, плаќаме од свој џеб, и не секогаш ги добиваме парите назад“ , забележуваат двете вработени во оваа установа.

Но, дека е ваква состојбата потврдуваат и други вработени. Главно сите инсистираат на своја анонимност. Тие се убедени дека им се следи секој чекор, стравуваат и дека им се прислушуваат телефоните, а велат дека добиваат опомени за тоа каде ставаат лајкови на Фејсбук.

„Ние немаме членски книшки и најверојатно тоа е причината што сме во немилост кај директорот. Зашто има вработени, кои практично ништо не работат. Тоа се партиски кадри, кои само се појавуваат на работа, а потоа, со службено возило што го паркираат на булевар, пијат кафе во некое кафуле, а  кога ќе дојде време за дома, само го оставаат возилото и тука им завршуваат обврските. Но, ако се евентуално повеќе време на работа, тогаш тие имаат обврски да го следат секој наш чекор и да шпионираат, затоа и секој стравува да каже што мисли, па дури и да се сретне со граѓани кои мислат различно од власта“, велат нашите соговорнички.

Ако соберат храброст, како што велат, ќе реагираат и до повисоки инстанци. Некои од нив, се обратиле за помош до локалната власт, но освен ветувања, ништо конкретно не било преземено. А, во Трудовата инспекција добиле одговор дека не би можеле да извршат никаква контрола, затоа што токму нивни блиски луѓе, биле вработени во домот.

Вработените во оваа установа се крајно разочарани од состојбите, затоа што не гледаат начин да ги остварат своите работнички права.

Установата делумно се финансира со блок дотации од Министерството за труд и социјална политика, а делумно од средствата кои штитениците ги плаќаат редовно, секој месец за својот престој. Но, установата се соочува со огромни финансиски проблеми, долгови што се во висина на едногодишен приход од самофинансирањето.

Половина од вработените се исклучиво партиски кадри кои добиле решение последниве неколку години.

Според оценките на претходните раководители, оваа установа, во добрите времиња, функционирала непречено со половина од бројката на вработени во моментов.

 

Авторот, локациите и имињата на соговорниците во ова сторија ги задржуваме во тајност, за да ги заштитиме од притисоци и закани.
ЦИВИЛ располага со писмени изјави на соговорниците и други докази за веродостојноста на оваа сторија.
Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English