НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: По 25 години независност, Македонија ја тресат политички земјотреси

Скопје беше погодено од серија земјотреси, кои достигнаа јачина и до 5.3 степени според Рихтеровата скала. Граѓаните се вознемирени и во паника, се сомневаат дека земјотресите се поврзани со катастрофалните поплави во скопско, што се случија минатиот месец, за чии последици одговорност побара и опозицијата. Надлежните смируваат дека сите афтершокови ќе бидат со помала јачина и тврдат дека земјотресите не се поврзани со поплавите.

Минатонеделните интензивни дождови ги зголемија стравувањата на жителите од поплавените подрачја, дека ќе им се повтори трагедијата, чии последици се уште не се санирани. Според опозицијата мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Никола Груевски, опфатен и со кривични предмети за кои се водат и истраги во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), станува реална опасност за безбедноста на граѓан(к)ите. Новосозаденото мало езеро во близина на зградата на Министерството за надворешни работи,  на поплавеното контроверзното градилиште, предизвика хаос во сообраќајот во Скопје. Новинарски екипи беа навредувани и спречувани во нивниот обид, да го снимаат езерото, а медиумите објавија дека полицајци кои се наоѓале во непосредна близина, не интервенирале. Два дена екипи на комуналните претпријатија испумпуваа фекални води. а засега никој не е повикан на одговорност.

По 25 години независност на Република Македонија, граѓаните бележат невидено самоволие на власта, злоупотреби за кои се очекува со нетрпение разрешница од СЈО, партизирано судство, партизирана полиција, кршење на човековите права и слободи по сите основи... Македонските борци за човекови права и слободи, денес Македонија ја опишуваат како држава, која води кон регрес, далеку од патот кон Европската унија и НАТО.

12695156_1177067102321471_1519862198_o-470x246

Преодната Влада ги разбранува државните институции

Два дена пред изборот на преодната Влада (којашто треба да ги создаде сите услови во државата за да се спроведат фер и кредибилни избори) владејачката ВМРО-ДПМНЕ, именуваше свои кадри во раководните органи на 30-тина државни институции. Сменети се преку ноќ, директори, советници, членови на управни одбори... Најтурбулентно е во центрите за социјална работа, кои се под капата на Министерството за труд и социјална политика. Пред доаѓањето на Фросина Ташевска Ременски на министерската функција, како кадровско решение на СДСМ во преодната Влада, а со смена на министерот Диме Спасов, на владина седница се именувани членови на 12 управни одбори во центрите во Скопје, Неготино, Валандово, Охрид, Тетово, Прилеп, Кочани, Демир Хисар, Велес, Радовиш, Свети Николе и Ресен. Некаде се сменети по еден, а некаде и по два члена на управните одбори. Нови кадровски решенија има и во Специјалниот завод во Демир Капија и во Домот за доенчиња во Битола.

По именувањето на Ременски, девет директори на центрите во еден ден го известиле Министерството дека отвориле боледување. Слично сценарио, велат од опозицијата, имало и при првото именување на Ременски, како кадровско решение од СДСМ во техничката влада. Додека Синдикатот на администрацијата и државната управа (САДУ) ја обвини Ременски дека им ги скратила годишните одмори на некои вработени, министерката објаснува дека овие чекори се неопходни поради зголемениот обем на работа. Се на се, оваа слика говори, дека условите за работа и соработка на релација министерка-раководни кадри, повеќе наликува на бојкот на новата Влада, отколку на заеднички напори, за реализација на кредибилни избори.

 protest MRTV Ajde!

Ад хок телото поднесе предлог за прекршочна постапка против МТВ

Не само што дел новинари со критички дискурс ја водат битката за објективно и истражувачко новинарство, туку први позитивни сигнали доаѓаат и од Привремената комисија за медиумско мониторирање во периодот до избори (особено, мониторирање на медиумите кои работат под директиви на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а се најбројни во државата). Ад хок телото се огласи со предлог за опомена на Првиот телевизиски програмски сервис на МРТВ и поднесе барање до Агенцијата за аудио и адуиовизеулни медиуми за поведување прекршочна постапка, затоа што емитувал реклами финансирани од државниот буџет, во периодот од 2-ри до 5-ти септември, што е спротивно на член 75-д став 4 од Изборниот законик.

Оваа е одлука на сите членови на комисијата. Но, сепак, тие треба да донесат Деловник за работа и врз основа на тој документ да одлучуваат во иднина. Разговорите на оваа тема, членовите на Привремената комисија ќе ги продолжат во вторник. На дневен ред треба да го стават и првиот извештај од мониторингот на телевизиите и радијата.

Ветувајќи доследна битка за балансирано информирање, членови на ад хок телото ги повикуваат партиите, граѓан(к)ите, здруженијата..., да поднесуваат претставки секогаш, кога ќе регистрираат нерамноправен медиумски третман.

 

Образованието не може да се ослободи од канџите на власта

За неуспехот на политиките на ВМРО-ДПМНЕ во ресорот образование говори примерот со средношколците од Прилеп, кои неколку дена од свој џеб, плаќаа превоз до училиште, иако законски, овој трошок треба да го покријат општините со пари од државниот буџет. Со медиумски притисок е обезбеден превоз, но ниту средните училишта, ниту Општина Прилеп, не одговараат на новинарските прашања каде се парите за превоз за ученици, кои редовно се исплаќани од Министерството на општинската сметка.

Во Битола опозиционата Либерално-демократска парија (ЛДП) побара оставка на градоначалникот Владимир Талески, кому по трет пат му е продолжен притвор на барање на СЈО, токму поради сомнежи за вмешаност во кривично дело со училишниот превоз - случај „Транспортер“, чија истрага е во тек.

Според ЛДП, директорите на неколку училишта во Битола се со поминат мандат и одлуките кои ги донеле во овој период не можат да бидат законски и не се одржливи. Директорка на средно училиште, за која Антикорупциска комисија препорачала смена, и покрај тоа што е под истрага за „Транспортер“, направила долг од 250.000 евра. Од ЛДП предлагаат и предвремени локални избори, а дотогаш, Талески да поднесе оставка.

Во меѓувреме, Талески од куќен притвор распишал оглас за директор на Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“. Општина Битола, посочувајќи само на законската регулатива за надлежностите на градоначалникот, не открива дали Талески потпишува документи во овој период, додека му е изречена мерка - куќен притвор.

DSC_0538

Граѓански активисти на кандидатските листи на опозицијата?

Гласиштата дека граѓански активисти од Шарената револуција и новинари со критичко перо преминуваат во редовите на опозицијата и дека ќе бидат носители на кандидатски листи, предизвикаа вистинска дебата на социјалните мрежи. Од „кујните“ на власта доаѓаат спинови, кои ја адресираат повторно опозиционата СДСМ, како предводник на Шарената револуција.

СДСМ демантира, со образложение дека е многу рано да се размислува за кандидатски листи, но и со обвинување дека овие „болни спинови“ на ВМРО- ДПМНЕ, се резултат на стравот од извесниот пораз на 11 декември. СДСМ сепак, повикува на што поголем фронт во борбата против „режимот“ на Груевски.

А, јавноста на социјалните мрежи е со подвоени ставови. Има граѓан(к)и кои ги поддржуваат активистите од Шарената револуција да и се придружат на опозиционата коалиција. Други велат дека ќе бидат целосно разочарани доколку истакнатите борци за слобода ги видат на кандидатските листи, зашто секоја партиска припадност, според нив, во старт значи губење на слободата на изразување, делување и одлучување.

Експертите со критички ракурс токму во овие граѓански активисти - како идни партиски членови, ја гледаат шансата за победа на демократијата и граѓанските слободи во Македонија.

grujo

Груевски бара поддршка од германската десница

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски деновиве е со намалена активност на домашната политичка сцена. Но, неговата посета на Берлин, како предводник на партиска делегација, на покана на пратеник од Христијанско-социјалната унија, Тобиса Цех е регистрирана во германскиот печат. Како што информира Дојче Веле на македонски јазик, магазинот „Остеуропа“ го опишува Груевски како „македонски моќник кој во својата земја, затвора опозиционери и системски ја уништува демократијата. Тој формално ги почитува сите термини од Договорот во Пржино, но ниту еден од условите кои треба да овозможат фер и слободни избори не ти исполнил. Покрај оставката, Груевски не се откажа од моќта. Никој во Македонија не се сомнева дека тој и натаму во свои раце го држи политичкото кормило“,пишува Дојје Веле, пренесувајќи го магазинот „Остеуропа“.

И покрај случувањата во Македонија и обвинувањата за авторитарен стил на владеење, ЕУ и натаму му се додворува на Груевски, коментира натаму медиумот. „Германските конзервативни партии и австриската ОВП (Австриската народна партија), го сметаат за важен партнер, откако Македонија ја затвори Балканската рута“, стои во написот на Дојче Веле со наслов „Што бара Груевски во Берлин?“

Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian